На работниците им следува половина од просечната плата исплатена во последните три месеци ако имаат потпишано конкурентска клаузула, вели Јовевски (ИНТЕРВЈУ)

Дали ви е познат терминот „договорна забрана на конкурентско дејствување?“ Претпоставката е дека не. Овој механизам којшто се предвидува во Законот за работните односи, но и Договорот за вработување е од суштинска важност во одредени професии за работодавачите и работниците.

Денска со Универзитетскиот професор по трудово право Лазар Јовевски разговараме токму за договорната забрана за конкурентско дејствување или попозната како конкурентска клаузула. Со него разговараше новинарот Бобан Илијевски.

Работник: Што значи договорна забрана на конкурентско дејствување или конкурентска клаузула во работниот однос?

Јовевски: Конкурентската клаузула претставува забрана која се внесува во договорот за вработување на работник кој во рамките на своето работење е предвидено да се стекне со одредени технички, производни или деловни знаења и деловни врски со цел да се оневозможи вршење на конкурентско дејствување од негова страна по престанувањето на неговиот работен однос. Конкурентската клаузула е предвидена со Законот за работни односи и мора да биде изразена во писмена форма, во рамките на договорот за вработување, во спротивно ќе се смета дека не е договорена.

Работник: Во кои дејности работодавачите и работниците можат да склучат Договор за вработување кој вклучува ваква клаузула?

Јовевски: Во самиот закон не е експлицитно наведено во кои дејности договорот за вработување може да вклучува вакви клаузули, а во кои не, па така водејќи се по максимата се што не е забрането е дозволено може да се каже дека не постои некое посебно ограничување. Тоа што е важно да се има на ум е дека конкурентната клаузула се поврзува токму со стекнувањето на одредени технички, производни или деловни знаења во текот на работниот однос кои се од големо значење за работодавачот и токму затоа тој сака да ја ограничи нивната употреба (од страна на работникот) кај друг работодавач. Во тој контекст веројатно кај техничката и производната индустрија, IT дејностите, односно кај договорите за вработување на разни видови инженери, архитекти, програмери почесто ги среќаваме овие конкурентни клаузули.

Работник: Колку време важи истата и дали му следува надоместок на работникот за време на нејзиното важење? Доколку да, колкав треба да биде тој надоместок?

Јовевски: Со Законот за работни односи е предвидено дека овие клаузули може да бидат договорени за максимален период од 2 години, но тоа што е важно е да се има во предвид дека клаузулата ќе важи само доколку работниот однос на работникот му прекинал по негова волја или пак вина.

На прв поглед можеби се чини дека ваквата клаузула го ограничува правото на работа на работникот, меѓутоа тоа не е така. Конкурентската клаузула во никој случај не смее да ја исклучи можноста за вработување на работникот. Доколку почитувањето на истата оневозможува работникот да остваруваа соодветна заработка работодавачот има обврска за сето време на почитувањето на забраната да му исплатува паричен надоместок на работникот.

Ваквиот паричен надоместок за почитување на конкурентската забрана мора да е предвиден со договорот за вработување и на месечно ниво може да изнесува најмалку половина од просечната плата на работникот во последните три месеци пред престанувањето на договорот за вработување.

Работник: Какви се казните за прекршувањето на оваа клаузула од страна на работниците?

Јовевски: Повторно и во овој дел ЗРО не е доволно прецизен и создава конфузија. Имено, иако договорот за вработување претставува sui generis, сепак во својата суштина има елементи од облигациона природа, кои следствено на тоа упатуваат на Законот за облигациони односи. Но, тоа што треба да се разликува, а често создава дилема е дека штетата и надоместот на штета во работните односи, е сосем различна работа од конкурентската клаузула и надоместот за прекршување на истата односно од договорната казна за непочитување на одредбите на договорот за вработување.

Законот за работни односи не содржи одредби за договорната казна во случај на непочитување на оваа клаузула, што значи прекршувањето на истата ќе се санкционира согласно ЗОО, што упатува на долги и скапи судски процеси, во кои најчесто работодавачите трпат големи штети.

Работник: Што мислите за тоа да се укине склучувањето на договорна забрана за конкурентско дејствување? Кои би биле потенцијалните придобивки и недостатоци за работниците и работодавачите?

Јовевски: Апсолутно не, тоа  е спротивно на деловното и конкурентско работење. Мора да се престане со гледањето на работите само од едната страна, во случајот работодавачот е тој кој ја зема обврската да го обучи и оспособи работникот со одредени знаења, знаења кои претставуваат трошоци, на некој начин работникот претставува инвестиција на самиот работодавач и затоа е логично истиот да сака да ја заштити со тоа што ќе вметне вакви клаузули кои на некој начин ќе спречат некој друг да ги користи придобивките од неговата инвестиција.

Тоа што е потребно да се направи е да се измени Законот за работни односи, каде ќе се допрецизираат сите оние прашања кои се релевантни. Потребно е при самото засновање на работниот однос да се уредат механизмите за заштита и на работниците, но и на работодавачите, како и механизмите за обесштетување во случај на непочитување на договорните обврски кон кои пристапиле двете страни со слободна волја како што се договорните казни, паушални надоместоци на штета, дефинирани облици на штета и начини на пресметување на истата.

 

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.