„Невработените луѓе кои стручно се оспособуваат во компаниите, остануваат да работат таму“

Оспособувањето на луѓе со вештини и знаења кои се потребни na пазарот на трудот (преквалификација), како и нивна дополнителна обука (доквалификација) се најбрзи процеси за креирање на стручен кадар кој му е потребен на бизнисот.

Вака од Стопанската комора на Северна Македонија започнаа да го одговараат прашањето на порталот Работник за тоа кои се нивните очекувања за интересот на луѓето за стекнување на нови вештини кои Комората ги нуди преку четирите организациони целини: Центарот за дуално образование, Центарот за преквалификација и доквалификација, Берзата на трудот и Центарот за тренинг и обуки.

Процесот на промена на перцепцијата кај луѓето за унапредување на нивните вештини и знаења преку доживотно учење и прилагодување на потребите на пазарот на трудот е макотрпен, велат од Комората.

Според нив, важно е компаниите да го прифатат ваквиот начин на обезбедување на кадар, а за тоа, велат, како Комора имаат искуство.

Досега преку Комората се изработени 33 програми за обуки за стекнување на квалификации според барањата на компаниите и се реализирани 6 програми во кои учествуваат над 70 невработени лица – велат од Стопанската комора.

Овие активности, истакнаа од таму, вродиле со плод поради тоа што, по завршувањето на обуките за преквалификација или доквалификација, поголемиот дел од луѓето кои стекнале вештини, останале да работат во компаниите каде биле обучувани.

Дополнително, појаснија, во процес на реализација се обуки за уште 3 програми за 24 лица.

Неодамна во соопштение за медиуми, од Стопанската комора рекоа дека на 65 % од компаниите им е потребен стручен кадар кој пазарот на труд не го обезбедува поради долгогодишната неусогласеност на вештините со барањата на бизнис секторот.

Фото: Freepik

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.