Нема вработени, а заработува 175,000 долари месечно
Во 2016 година, Питер Левелс страдаше од анксиозност, живееше со родителите и водеше неуспешен Јутјуб канал.
Само две години подоцна, неговите проекти генерираа над 100 илјади долари, а сега се прогнозира дека до 2029 година ќе биде милијардер. Па, што се промени и кој е воопшто тој човек?
Питер Левелс е хакер кој отвори пат за претприемачите кои сакаат да градат профитабилни проекти без VC фондови или огромен тим, а неговите најуспешни стартапи ги вклучуваат NomadList, RemoteOK, PhotoAI и InteriorAI.
Своите хобија ги претвори во извор на приходи, сега месечно заработува околу 195 илјади долари (околу 175.000 евра), а се проценува дека во иднина уште подобро ќе ги монетизира своите идеи, пренесува Курир. Имено, преку евтини, но ефективни експерименти, брзи реакции и подигање на системи, Питер изгради независна хакерска империја која заработува милиони годишно, докажувајќи дека пречките за успех на стартап проектите можат да бидат многу помали отколку што се замислува.
Како што велат, супермоќта на Питер е AI (вештачка интелигенција). Тој ја предвиде иднината пред повеќето сопственици на претпријатија – примени AI алатки и од нив заработува.
Како започна сè
Според неговите стари твитови и неговиот блог, изгледа дека сè започна во 2014 година, кога Питер Левелс храбро истапи со предизвикот „12 стартапи за 12 месеци“ – идејата беше да започне 12 стартапи за 12 месеци, дури и ако тие не заработат пари.
Неговите први три проекти пропаднаа, а потоа од лична потреба направи Гугл табела за рангирање на номадски дестинации и твитна повикувајќи ги луѓето да се вклучат. Кога се разбуди, скоро 100 луѓе ја пополнија листата.
Тој Google Sheet стана NomadList, милионски сајт за патувања за дигитални номади.
Од тогаш, Питер постојано испорачува нови идеи.
Повеќето би застанале по „победникот“ како што е NomadList, но тој истраја. Ова донесе уште три големи успеси – RemoteOK (2013), PhotoAI (2022) и InteriorAI (2023), потсетува порталот Juicy Ideas.
Рецептот за успех на Питер во 10 точки
Питер е јасен во тоа што е потребно за профитабилно започнување на стартап, а во продолжение прочитајте го неговиот „прирачник“ сумиран во 10 точки.
Започнете со малку, сонувајте големо
Не обидувајте се да изградите вселенска компанија како ваш прв стартап. Наместо тоа, започнете со мал проблем кој можете брзо да го решите. Направете минимално одржлив производ кој служи на специфични потреби. Подоцна можете да работите на него и да го надградувате – како што Питер направи со NomadList започнувајќи од едноставна Google листа која ја претвори во целосна платформа.
Решете го вашиот проблем
Решавајте ги вашите проблеми бидејќи најдобро ги разбирате. Не можете да најдете ништо интересно? Проширете ги вашите животни искуства за да откриете нови проблеми вредни за решавање. Патувајте на нови места, соберете различни хобија, стекнете нови пријатели. Изложувањето на различни искуства ќе открие проблеми за кои имате уникатна позиција да ги разберете и решите.
Исфрлете ја идејата веднаш, за еден месец видете дали вреди
Исфрлете повеќе идеи, не трошете повеќе од еден месец проценувајќи ја идејата. Започнете основен MVP (Minimum Viable Product), споделете го и видете дали ќе ја привлече вашата целна публика. Ако ништо не се случи за еден месец, продолжете понатаму. Продолжете често да изфрлате нови концепти како Питер, тоа ќе ги зголеми вашите шанси за успех. Планирањето на проекти до перфекција е преценето. Питер вели: направете нешто, отворете TikTok сметка, објавувајте секојдневно на TikTok, додадете линк за оние кои сакаат да ја купат првата верзија – по 30 идеи изберете ја најпрофитабилната.
Работете јавно
Споделете ја вашата работа јавно од почеток за да ја зголемите публиката. Питер беше пионер на „отворените стартапи“ и сè уште јавно ги споделува своите експерименти и успеси. NomadList во главно успеа затоа што твитна за почетната Google табела и доби реакции. Нека ве води вашата публика.
Учете работејќи
Побрзо усвојувате вештини како што се кодирање, маркетинг и дизајн на производи градејќи вистински проекти, дури и со алатки без кодирање. Питер беше самоук. Непрекинато градете нови работи надвор од вашата зона на удобност. Следете сè за да го забрзате учењето од искуство.
Бидете добри во маркетингот
Немилосрдно експериментирајте со маркетингот како што го правеше Питер. Не плашете се да пробате нови модели на цени, продажни текови и кампањи. Нека ве водат податоците. Она што функционира за другите можеби нема да функционира за вашиот производ, па детално тестирајте. Совладајте го маркетингот преку искуство од прва рака.
Опкружете се со паметни пријатели
Споделете ја вашата работа јавно за да запознаете луѓе кои можат да ви помогнат да растете. Градејќи јавно, одржувајќи состаноци и редовно пишувајќи, Питер се поврза со експерти кои ги подобрија неговите маркетинг вештини. Опкружете се со луѓе кои знаат повеќе од вас.
Автоматизирајте сè
Користете автоматизација за да можете лесно да го водите бизнисот без вработени како Питер. Денес алатките без код го олеснуваат тоа дури и без технички вештини. Автоматизирајте ја секоја повторувачка задача. Префрлете ги сите рутински работи на софтвер за да можете да се фокусирате на активностите со висока вредност.
Препознајте ги мегатрендовите
Идентификувајте мегатрендови во настанување како што се работа на далечина и вештачка интелигенција. Непрекинато експериментирајте на нови полиња како што го правеше Питер. Придружете се на трендовите рано, дури и ако некои концепти не успеат. Ставете многу мали „облози“ за да ги зголемите вашите шанси да бидете на растечкиот бран.
Во ред е да го промените мислењето
Бидете отворени за докази кои се спротивставуваат на вашите верувања. Питер ги мразеше рекламите, а потоа премина на водење кампањи. Промената на мислењето е дел од патот на учење. Развивајте го вашето размислување како што расте вашето искуство. Она што изгледало вистинито на почетокот можеби нема да остане ефективно додека вашиот бизнис се зголемува.
Извор: b92.net
Фото: Depositphotos, Jirsak