Колумни

Непочитување на препораките за заштита од Ковид е газење врз трудот на здравствените работници

Непоитувањето на препораките - Работник
206views

Автор: Бобан Илијевски

Уште од почетокот на епидемијата предизвикана од вирусот Ковид – 19 се зборуваат истите работите. Дистанца од најмалку два метри, носење на маска и избегнување на групирање со повеќе луѓе. Сепак, колку и пати да се повторуваат овие препораки, на некои луѓе едноставно не им влегуваат во мозокот. Некои се жалат дека не се доволно информирани, а информации во врска со вирусот има насекаде и секогаш. Речиси сите медиуми известуваат за актуелностите околу Ковид – 19. Јас лично не мислам дека непочитувањето на препораките е од недоволната информираност туку од тврдоглавоста на одредени луѓе (се разбира, голем број ги почитуваат препораките) и поради онаа добро позната македонска реченица: „не ми може никој ништо“. Оваа реченица најпрактична употреба во најголем дел има во помалите градови од државава. Знам, бидејќи и јас потекнувам од мал град. Во мојот чудесен град, за време на полициски час, луѓе се групираа во чејџилници (вид на угостителски објект) и во темнина пиеја кафиња и чаеви. Се групираа и на улиците, а по предупредувањето од страна на полицијата ќе заминеја, за да по десетина минути повторно се соберат во куп.

Ова е класично непочитување и на полицијата која мака мачеше да одржува контрола за време на полициски час и што е најважно ова е поигрување со трудот на здравствените работници и самиот здравствен систем, за кој знаеме дека е целосно мобилизиран, со тоа што голем број на здравствени работници од внатрешноста на Македонија се отидени на помош во Општата градска болница „8-ми“ септември и Клиниката за инфективни заболувања и фербилни состојби при Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Сега, сигурно се прашувате зошто ова ви го кажувам долго време по завршувањето на полицискиот час. Еве го одговорот: поради тоа што сеуште не се почитуваат препораките, како и трудот на здравствените работници. Луѓе, дајте веќе еднаш да се освестиме и да ја сфатиме ситуацијава сериозно… ах, заборавив да напоменам дека некои луѓе сеуште не веруваат во вируост, и покрај тоа што колегите новинари направија одлични прилози каде ги прикажаа пациентите кои лежеа во Клиниката за инфективни болести, како и нивните голготи.

По се изгледа дека оние кои не веруваат, ќе треба да се однесат на лице место, па да се уверат дека вирусот постои и дека претставува сериозна закана по нашето здравје. Да не навлегувам длабоко во темата со вирусот, бидејќи не сум компетентен, не сум јас фејсбук 5G епидемиолог, како многумина кој поради тоа што немаат попаметна работа по цел ден седат на фејсбук и полемизираат околу тема, за којашто свој збор треба да дадат експерти од областа на здравството. Она што најмалку сакам е да ширам лажни вест, како многу други „медиуми“ кои самостојно и без верификација ги потврдуваа бројките на заразени, само за да добијат прегледи, а на сметка на стравот на народот кој од ден на ден станува се поголем. Јас разбирам дека сега смеетат дека најмногу ќе искористат, па сензационализираат (преовеличуваат настани), но сега не е време за тоа. Се работи за здравјето на народот, не само физичко туку и психичко. Знаете ли вие што можете да им направите на оние луѓе кои веќе имаат психички проблем? Ништо добро.

Да се вратам на мојата првобитна поента. Без разлика колку пати дневно и да се споменуваат препораките, без разлика на тоа што здравствените власти постојано апелираат да се почитуваат тие за наше добро, без разлика колку и колегите новинари да изестуваат околу ситуацијата со вирусот Ковид – 19, во обид да ја зголемат свеста, на некои луѓе едноставно не им доаѓа памет. Тие изгледа не се свесни дека доколку се заразат, можат да ги заразат и своите најблиски, а помеѓу нив може да има некој човек којшто не дај Боже, ќе заврши трагично. Тогаш ли ќе се освестите? Ова не е некоја болест којашто не е пренослива. Не си поигрувате само со сопственото здравје, туку и со здравјето на оние кои се во вашата околина и кој ни криви ни должни ќе се заразат поради вашето таканаречено неприфаќање на вирусот и рапавиот менталитет проследен од реченицата „никој ништо не ми може“.

Што се однесува на угостителските објекти, сметам дека со оглед на тоа дека бројката на заразени е голема, треба повторно да сопрат со работа и државата да им помогне, од финансиски аспект. Мислам дека вчерашната владина одлука за продолжување на работното време до полноќ, односно до еден часот после полноќ за време на викенд, не е добро промислена. Јас не сакам сега некој да рече дека сакам угостителите да останат без работа, а нивните вработени без приходи, не јас тоа не го сакам, јас само се повикувам на сегашната ситуација која самата ги кажува фактите.

Да бидеме паметни, да го надминеме потпросечниот менталитет и да ги почитуваме препораките на здравствените власти, за да го чуваме нашето здравје и здравјето на нашите најблиски и оние луѓе кои ги почитуваат сите досегашните препораки наложени од здравствените експерти и со тоа да покажеме почит кон нашите херои, здравствените работници.

Ставовите изразени во колумната, во ниеден случај не ги изразуваат официјалните ставови на Порталот Работник