Нешто е гнило во „државата“ ИСОС!
Колумна на Александра Иванова
Покојниот Шекспир, кога би знаел за поредокот во нашиот ни по закон наметнат „заштитник“, Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС), верувам дека Хамлет би го сместил во 2025 година, да биде сметководител кој живее во таканаречената држава ИСОС и да се бори против се она што е гнило во општеството – гнило во поредокот, гнила власт и дворјанство – гнила држава.
И додека се мислам од каде да почнам и што да напишам за да остане ова колумна, а не роман во 3 тома, не можам а да не се запрашам ќе има ли крај на хипокризијава, или еден по еден ќе се препуштиме на безгласна апатија во која нема да чувствуваме и нема да се бориме, туку само ќе преживуваме без да живееме?!
Ајде да тргнеме од некаде овој период лани, кога „државата“ си одлучи да спроведе Правилник на кој веројатно и некои напредни диктатури би позавиделе. Секако, Правилникот е надвор од Закон за вршење на сметководствени работи (ЗВСР), ама за власта и дворјанството тоа не беше важно. Околу 650 колеги со изгубено право на потпис на годишни сметки, изгубено време, финансии, клиенти и секако, здравје и нерви, за нив не значеа ништо. Небројните реакции до сите органи во оваа квази држава, до Советот кој треба да ги контролира (знаејќи кој е претседател таму не е ни чудо!), до ресорното Министерство за финансии, искористени сите службени и лични контакти и џокери на крајот не вродија со плод и се се сведе на народната “кучињата лаат, караванот си врви“. Сѐ до пред неколку месеци, кога караванот беше навидум запрен од одлуката на Уставен суд за ништовност на овој фамозен Правилник и дејствијата кои произлегоа од него. Зошто велам навидум? Бидејќи освен известувањето за укинување на актот, раководството на ИСОС не само што не преземаа никаква морална одговорност со поднесување оставки, туку во пракса преќутно продолжија да го спроведуваат незаконскиот Правилник.
Самоволието не запира тука. Деновиве кога повторно треба да почнеме со изготвување на годишни сметки за целото стопанство што за сметководителите е најстресниот период од годината, ИСОС повторно преќутно брише стотици колеги од регистар од само за нив познати причини. Теренските информации велат дека причината е недоволен број исполнети часови за континуирано професионално усовршување, но, црно на бело ништо и никаде. Во ред, се согласувам дека Закон треба да се почитува и доколку некој е надвор од него треба да сноси последици, но и за тоа има правила и процедури. Оти па, самите си донесоа и Правилник за дисциплинска постапка кој убаво дефинира на кој начин се врши сето тоа – покренување постапка, известување за донесена одлука до засегнатиот сметководител, право на приговор кој го одложува дејствието се до донесена конечна одлука од врховниот командант на нашава ни „држава“. Од сето ова едно големо ништо, само претрпен стрес кога ќе видиш дека ти го нема името во регистарот и губење време и нерви да пронајдеш некој кој ќе ти објасни што се случува. И доколку ја имаш среќата да ги добиеш повторно само усно, штуро известување кое има важност колку и ланскиот снег. Оти за нашиот „заштитник“ не е важна нашата основна егзистенција и тоа токму во период кога активното уверение ни е од пресудно значење за работата!
За целите на моево писание ќе се осврнам уште на една бомбастична најава која кружеше изминатиов период, а тоа е дека, цитирам: „Собранието на ИСОС ќе усвојува одлуки за натамошно јакнење на Институтот и на сметководствената професија во земјата“. Вау! Само што не се расплакав од пожртвуваноста и добронамерноста на сите вклучени во сценариово! И додека сум во ова емотивно расположение јас би сакала да поставам неколку прашања:
- Каде се материјалите за одлуките кои треба да се донесат? Оти па нели сите сме членови на Институтот, сите сме Собрание (чл.17 т.1 од ЗВСР) иако се одлучува преку избрани претставници и сите треба да знаеме какви одлуки за наше добро ќе се гласаат? Следствено на ова би прашала и дали вратите на седницата закажана за 1 февруари ќе бидат отворени за сите? Впрочем за тоа и се залагаа голем дел од сегашните членови во органите, или со функцијата се промени и ставот?
- Кога и каде се одржаа состаноците по подружници каде можеше да се дискутираат гореспоменатите предлог – одлуки? Оти па во истиот член 17 т.9 вика „Членовите на подружниците ОДЛУЧУВААТ…“, тоа вие што во деловник сте си пишале дека донесуваат мислења и препораки е како да сте си го пишувале деловникот врз основа на „Касни порасни“, а не на ЗВСР.
- Како тоа на дневен ред за гласање е Одлука за ослободување од чланарина на правните лица кои вршат сметководствени работи, кога претходно таква Одлука е веќе изгласана на 31.05.2019 година, а и самото Министерство за финансии во нивен записник ја прогласи за незаконска? Или си ловите во матно, па ако помине – помине?
- Во емотивниот напис уште стои дека „со дел од одлуките што ги предлага управниот одбор се врши усогласување на износот на годишната членарина (…) со растот на индексот на трошоците за живот (инфлацијата) и на платите во земјата (…) како и со намалувањето на бројот на членови на Институтот најчесто заради пензионирање“. И сега пак ќе се вратам на ЗВСР оти нели тој ни е темелот на „државава“ каде што во член 17 пишува дека „Институтот ја утврдува членарината од ставот (12) точка 6) на овој член врз основа на реално направените трошоци од страна на Институтот“. Оттука одиме во годишната сметка за 2023 година која е јавно објавена и последна со која што располагаме каде што вкупни приходи се речиси 70 милиони денари, а вкупни расходи 34 милиони, односно остварен вишок од 36 милиони денари. Како за едно непрофитно здружение не е лошо, а? И не само што вишокот е толкав, туку ќе беше поголем ако раководството на Институтот не вложело во удели цели 12 милиони денари, без притоа членовите да се претходно информирани или консултирани, ниту пак има соодветна Одлука од Собрание за истото. Ама викате индексиве за живот се покачени и треба да ни ја зголемите членарината? Ај, важи!
- И црешката за крај – утврдување на цената на часовите за континуирано професионално усовршување! Омилената тема, посебно на претседателот на Советот за унапредување и развој на сметководството, за кој бај д веј има мислење од антикорупциска дека има судир на интереси да е таму каде што е, ама тоа не е важно! Единственото важно е цената на КПУ да расте, нормално повторно на терет на сметководителите! Што ние добивме повеќе во однос на експертиза, знаење, па и услови, со оглед на тоа дека 99% од обуките се онлајн, па за да има потреба од зголемување на цената? Или во контекст на претходното прашање, зошто самиот ИСОС не ги организира овие обуки со оглед на остварените вишоци?
Прашањата не завршуваат тука, но и повеќе од доволно е за да се увиди гнилоста и самоволноста во постапувањето на оној кој требаше да ни е заштитник и да ја унапреди професијата. Наместо тоа ние и понатаму тонеме во неизвесноста од она што не очекува од камшикарот кој е подготвен со разни правилници, комисии и контроли да ги замолчи сите. Она што изненадува уште повеќе е игнорантскиот однос на ресорното Министерство за финансии кои исто како и нивните претходници забораваат дека токму ние, сметководителите сме тие што им ја полниме државната каса.
И додека ја завршувам оваа колумна на сите нам колеги ни посакувам делумно да го пресликаме крајот на приказната од воведот. Посакувам во секој од нас да се роди, но и опстои еден Хамлет кој на крајот ќе слави против сета оваа гнилост, докажувајќи дека постои чест, достоинство, професионалност и човечност. Посакувам да не си играме „држава“, ами тоа вистински и да бидеме, додека се уште сме живи. Да се биде или не – прашање е сега?
Фото: Приватна архива
Ставовите изразени во колумната не ги одразуваат официјалните ставови на редакцијата на порталот Работник
- ЗАВРШИ НОВОГОДИШНАТА КОШНИЦА: Од денеска ќе се знае дали ќе се вратат на старо цените што еден месец беа намалени - 12/02/2025
- Грчките институции ги заштитуваат работниците на Санторини, ќе добијат отштета од 534 евра - 12/02/2025
- НАЈБОГАТАТА ЖЕНА ВО ЕВРОПА ЈА НАПУШТА СВОЈАТА КОМПАНИЈА – ИМПЕРИЈАТА ЈА СОЗДАДЕ ДЕДО Ѝ: Нејзиното богатство се проценува на 89 милијарди долари - 12/02/2025