„Не верувам дека ќе го зголеми бројот на работници, но сигурен сум дека ќе ги зголеми платите на тие кои ќе останат“

На текстилните компании во државава потребно им е да воспостават свои брендови за да, од една страна, произведуваат производи со поголема додадена вредност, а од друга страна да можат да исплаќаат поголеми плати на своите вработени.

Ангел Димитров, менаџер на текстилната компанија „Мода“ и Претседател на Собранието на Организацијата на Работодавачи на Македонија, во изјава за порталот Работник, вели дека со години наназад се зборува за потребата за измена на ЛОН производството во текстилната индустрија со производство на сопствени брендови.

Димитров е дециден дека воведувањето на сопствени брендови ќе доведе до зголемување на додадената вредност за истата количина на извезени производи, што ќе биде основа за зголемување на стандардот на вработените.

Иако сето ова е предвидено во стратегијата за развој на текстилната индустрија, објаснува Димитров, многу малку наши брендови во пракса можат да го спроведат ова.

Во пракса има многу малку резултати и многу малку наши брендови каде покрај работната рака ќе биде и вградена цената на репроматеријалите и помошните материјали – вели Димитров.

За производството да се промени од ЛОН во сопствен бренд, како што вели Димитров, постојат неколку ограничувачки фактори:

Најпрво, во Македонија по осамостојувањето од поранешната заедничка држава пропаднаа сите производители на репроматеријали – метража на ткаенини од кои се произведуваа готови текстилни производи за извоз во Југославија и некои земји од источниот блок, потоа, западно – европските производители во овој период ги затворија сите свои производни капацитети и побараа нови капацитети во земјите во развој, притоа задржувајќи го својот дизајн, набавките на материјали и сопствениот бренд – вели Димитров.

Се повеќе во текот на последниот период, како што вели, се појавуваат странски брендови кои бараат готов производ со нивни дизајни и бренд, но македонските компании немаат контакти со големите производители на метража од Кина и далечниот Исток.

Друг проблем е финансирањето на производството (од набавките на репроматеријалите до наплатата на готовиот производ).

Нашите компании понекогаш доаѓаат до ситуација да немаат средства за исплата на плати и по системот на ЛОН, а камоли да финансиираат набавки на основен и помошен материјал од далечниот исток. Притоа, треба да се напомене дека по правило каматните стапки на кредитите кои би ги зеле за набавка на материјали се повисоки од каматните стапки во еврозоната – истакна Димитров.

Не помалку важно, според Димитров, е и големата неформална заштита на европските пазари. Некои трговци, како што објаснува, бараат да имате регистрирано фирма во нивната земја за да може да купуваат ваши брендови.

Често се случува, наведува тој, нашите производители, своите производи со сопствен бренд да не можат да ги продадат во Западна Европа ниту по приближна цена на цената на европските брендови, иако имаат ист квалитет.

Примерот од Турција говори дека за промена на ЛОН производството во производство на сопствен бренд е потребна голема поддршка од државата, што во Турција се покажа многу успешно. Државата не треба само да организира заеднички настап на саем, туку и да обезбеди поволни кредити за набавените репроматеријали, да ги ослободи од плаќање на царина репроматеријалите кои се набавуваат за производство наменето за извоз и да даде поддршка на нашиот извоз, кој во услови на преценет денар е хендикепиран во однос на производителите кои имаат флуктуирачки курс на домашната валута – вели Димитров.

Димитров не верува дека производството на сопствен бренд ќе доведе до поголем број на работници во текстилната индустрија, затоа што сопствен бренд можат да направат само помалите компании или пак поголемите, но со мали серии и мал процент во однос на вкупното производство.

Сепак, смета дека воведувањето на сопствен бренд би ги зголемило платите работниците кои ќе останат во текстилната индустрија.

Инаку, бројот на работници во индустријата постојано опаѓа, а прогнозите се дека ќе продолжи да опаѓа и во следниот период.

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.