КолумниНовости

НЕ ГИ ПОВТОРУВАЈТЕ ИСТИТЕ ГРЕШКИ, ОТИ И ВАС МОЖЕ ДА ВЕ СНАЈДЕ ИСТОТО!

   Време за читање 2 минути

Со само 18 освоени пратеници на парламентарните избори, СДСМ стана трета политичка сила во Македонија. Е сега, овие коишто ќе дојдат на власт не смеат да ги повторат истите грешки оти има шанси и тие да завршат вака. Македонскиот народ носи на власт, но македонскиот народ и казнува.

Изминатите 7 години не беа нешто светли за работниците и работничките права. Да, минималната плата порасна и дојде до ниво од 22,500 денари, а просечната на 600 евра. Сепак, минималната плата која ја примаат, чинам, 80,000 работници, не е доволна за да може да се преживее, поради тоа што имаме постојано раст на цените. Од друга страна, растот на просечната плата најмногу се должеше на зголемувањето на функционерските плати за 78 % и нејзиниот раст воопшто, ама воопшто, не ја отсликува реалноста на износите на платите во Македонија.

СДСМ, која беше дел од власта во претходните 7 години, потфрли во многу работи, а еве дел од нив:

  • Им исплаќаше финансиска помош на компаниите кои за време на пандемијата ја злоупотребуваа истата, а парите требаше да одат на сметките на работниците.
  • Не спроведуваше доволно политики за да ги задржи луѓето во Македонија, па како резултат на тоа во една година имавме над 50,000 луѓе иселени во Германија.
  • Направи измени на законите поврзани со Бехтел и Енка, дозволувајќи воведување на 72 часовна работна недела.
  • Остави илјадници вработени без плати и здравствено осигурување, за што имаше и мноштво на протести од страна на синдикатите.
  • Не почитуваше закони и колективни договори и не се договараше навремено со синдикатите, ставајќи ги дел од нив во ситуација да мораат да организираат протести и да влегуваат во штрајкови за да ги добијат барањата…

Има уште многу работи кои не ги исполнија, а знаеја и да се прават како тие да се газди во државава. Но, ете – сето тоа им се врати како бумеранг, па го доживеаја најголемиот пораз во историјата на независна Македонија.

Пред да се одјавам, би сакал да испратам една порака до партиите кои ќе ја формираат новата Влада: НЕ ГИ ПОВТОРУВАЈТЕ ИСТИТЕ ГРЕШКИ, ОТИ И ВАС МОЖЕ ДА ВЕ СНАЈДЕ ИСТОТО!

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси