Не засенувајте го „Господарот“ или Не „пафтај“ многу со комептенциите пред шефот
Читајќи го првиот Закон од книгата „48 закони на моќта“ од американскиот писател Роберт Грин кој гласи: „Не засенувајте го Господарот“ (господарот е во преносна смисла на зборот) не можам а да не се осврнам на тоа колку овој Закон ме потсетува на односите работодавачи – работници во Македонија. Самиот Закон може да најде примена во разни сфери од животот, но со оглед на тоа што јас се занимавам со работните односи, откако го прочитав, веднаш го ставив во нивен контекст.
Преку овој Закон, авторот сака да не подучи дека не треба претерано да ги покажуваме нашите таленти пред „господарите“, бидејќи тоа може да создаде несигурност кај нив. Во работните односи ова би се превело: доколку премногу му се „додворуваш“ на работодавачот со талентот, можеш да добиеш и отказ. Некои од нив повеќе би сакале да вработат лице што има помало знаење отколку лице кое ќе им биде закана со својата супериорност.
Инаку, Грин книгата ја има базирано врз своето животно искуство. Како млад човек кој потекнува од Лос Анџелес, тој работел на разни позиции во Холивуд, каде што има луѓе кои немаат милост, завидливи се и лукави до тој степен да му наштетат на другиот за своја корист. Македонија е далеку од Холивуд, но сепак таквите типови на луѓе ги делат сличностите на претходно споментатите. Во еден подкаст Грин сподели пример за некој познат режисер (кој не сакаше да го именува) кој напишал сценарио за филм, а имал и амбивии да го режира, но од студиото рекле дека ќе треба да се ангажира дополнително режисер. Тој им предложил некој кој речиси и да немал искуство знаејќи дека ќе потфрли, па така и било. По еден ден снимање, продуцентот го отпуштил неискусниот режисер, па овој се понудил да ја доврши работата. Колку лукаво нели? Претпоставувам дека знаете еден куп вакви примери.
Кога веќе зборуваме на темава, тука вреди да ги споменам и оние работници кои изигруваат нечии шпиони за две – три илјади поголема плата. Моето убедување е дека тие кога – тогаш ќе станат закана за шефот, па ќе да бидат исфрлени од работа. Овие луѓе, покрај тоа што обожаваат да шпионираат, одредено време глумат инфериорност, за на крајот да ја покажат својата алчна страна. Човек кој нема алчни особини во себе не се продава за две илјади плус за да ги шпионира колегите.
Грин во книгата вели дека треба да бидете инфериорни кон „господарите“, но не со цел да покажете алчност, туку, гледано од аспект на работните односи и кариерата, со цел да напредувате на корпоративната скала, да добиете унапредување или да се изборите за поголема плата. Добро е и одвреме – навреме да им ласкате, но тоа да биде дискретно. На крајот на краиштата, сѐ се сведува на стратегија.
За жал, светот не е црно – бел, има и сиви зони, па затоа е добро да се адаптираме на реалните состојби наместо да кажуваме како треба да биде (да, треба да се стремиме да биде подобро, но само зборувањето за тоа удира силно по нерви). Живееме во суров свет исполнет со еден куп предизвици кои мораме да ги надминуваме за да оствариме нешто во животот, и ако имаме среќа, дел од тоа да им оставиме на нашите наследници.
Ставовите изразени во колумната не ги одразуваат официјалните ставови на редакцијата на порталот Работник
- КАКО ДА ОДГОВОРИТЕ НА ПРАШАЊЕТО „КОЛКАВА ПЛАТА ОЧЕКУВАТЕ?“ НА ИНТЕРВЈУ ЗА РАБОТА – ПРАКТИЧНИ СОВЕТИ НА ИЗАБЕЛА ШКОФ, СОВЕТНИК ЗА РАЗВОЈ НА КАРИЕРА [Видео интервју] - 17/04/2025
- МАКЕДОНСКИТЕ РАБОТНИЦИ СЕ ВИСОКО АНГАЖИРАНИ, НО МНОГУ ГНЕВНИ: Состојбата во Европа со ангажираноста на вработените со акцент на Македонија - 13/04/2025
- ЕДНО ПРАШАЊЕ: КАДЕ ДА ПРИЈАВАМ МОБИНГ? - 10/04/2025