Никоб Лаб остави на улица над 30 вработени, избркани без отказен рок

Без отказен рок, без претходна најава и од причини познати само за раководството, НИКОБ ЛАБ остави на улица над 30 од своите вработени, објави КУРИР.

Доктори, лаборанти, други медицински лица, возачи… кои минатава година беа во прва борбена линија во битката со коронавирусот како “признание” и “благодарност” добија нож во грб и останаа без работа и без месечни примања

Дознале од “денес за денес“ дека остануваат без работа и без средства за егзистенција. Избрканите лица, жртви на неправедноста од фирмата во која посветено работеле како хумани работници кои ја избрале медицината за своја професија.

Дел од вработените кои до завчера биле во редовен работен однос, а од вчера се оставени на улица, револтирани и понижени, ја контактираа редакцијата на КУРИР.

Ова е скандалозно и нечовечки. Вчера добив распоред за работа и дежурство, а денес немам работа. Ме натераа да потпишам спогодба, без претходна најава или предупредување. Ми пратија распоред за работа за еден месец, а не ми овозможија да сработам ниту еден ден од распоредот кој го добив. Немам ниту една дамка во работата, па да можат да се правдаат дека ме избркале поради некоја грешка. Причината не ми беше кажана. Едноставно, на дрзок начин, бев принудена да потпишам спогодба и да си одам – вели една од вработените..

Редакцијата на КУРИР дојде до бланко спогодбата која раководните лица од Никоб Лаб буквално им ја наметнале на своите вработени.

Како што може да се види, од лабораторијата не се ни обиделе да сокријат каков дрзок потег прават, па јасно потенцирале дека се раскинува договорот за вработување без отказен рок.

Како тоа да не е доволно, во спогодбата е вметнат и член 3 со кој избрканите работници се принудени да немаат никакви други побарувања по ниту еден основ, како што е можеби отштета за непочитување на првичните договори и законот кој налага отказен рок.