Николовски: Во 2023 година рекорден и до сега најголем Буџет за земјоделството

Со новиот државен Буџет за 2023 година во земјоделството се проектирани скоро девет милијарди денари.

Според ресорниот министер Љупчо Николовски, ова е рекорден и до сега најголем Буџет во земјоделството.

-Со новиот Буџет за 2023 година обезбедуваме близу 9 милијарди денари, средства наменети за земјоделците. Преку овој Буџет почнуваме со целосна имплементација на најголемата земјоделска реформа со која земјоделците добиваат предвремена исплата од 30 отсто на субвенциите во тековната година дополнителна субвенција за значајните култури, поголема и побрза поддршка за сточарите, ја продолжуваме поддршката до секој земјоделец преку Интервентната програма, 10 000 евра поддршка преку новата мерка бизнис план во земјоделството за земјоделците чија основна дејност е земјоделството, поддршка за советодавни услуги на земјоделците, поддршка за откуп на свежо овошје, зеленчук, млеко и млечни приизводи обезбедувајќи здрав оброк за учениците во основните училишта, грант до 10.000 евра за поддршка и развој на малите семејни винарии, грант до 10.000 евра за поддршка на малите производители на храна и развивање на продажбата од фарма, развој на селата преку поддршка на земјоделските задруги, напиша министерот на својот фејсбук профил.

Николовски потсетува дека дополнително за инвестиции и развој на македонското земјоделство на располагање во наредните седум години се става и новата ИПАРД 3 Програма, вредна 210 милиони евра, со можност за авансна исплата на поддршката до 50 отсто и со зголемување на прагот на минимум прифатливите трошоци по проект од мерките 1, 3 и 7 на ИПАРД 3 Програмата.