Почнува амандманската расправа за ребалансот на Буџетот, поднесени 224 предлози
Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ја отвора амандманската расправа за ребалансот на Буџетот за 2026 година. Пред членовите на Комисијата ќе се најдат вкупно 224 амандмани, поднесени од опозициските партии – 87 од ДУИ, 78 од СДСМ, 51 од Левица и осум од коалицијата ВРЕДИ.
Според собранискиот Деловник, расправата по амандманите може да трае најмногу десет работни дена, по што предлог-ребалансот ќе биде ставен на разгледување и гласање на пленарна седница.
За време на општата расправа власта и опозицијата изнесоа спротивставени оценки за предложените измени. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека ребалансот создава услови за поголеми капитални инвестиции, економски раст и отворање нови работни места, додека СДСМ оценува дека буџетските проекции се нереални и се темелат на преоптимистички очекувања.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека измените не се последица на проблеми со приходите или ликвидноста, туку се направени за усогласување на Буџетот со актуелните економски околности. Таа нагласи дека со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за плати, земјоделството, социјалната заштита, општините и капиталните проекти.
Со предложениот ребаланс, вкупните буџетски приходи се проектирани на 379,2 милијарди денари, а расходите на 425,2 милијарди денари. За капитални инвестиции се предвидени околу 46 милијарди денари, што е за 14,5 проценти повеќе во однос на првичниот план. Владините проекции предвидуваат економски раст од 3,5 проценти, инфлација од 4,5 проценти и буџетски дефицит од 4,1 процент од бруто-домашниот производ.

