МакедонијаСветот на работникот

Странските работници сакаат да работат повеќе за да заработат повеќе, законот треба да им го дозволи тоа, вели Димитров

Вкупно 6.128 странски работници добиле дозвола за привремен престој во Македонија. Со текот на годините, бројот на странски работници кои доаѓаат во земјата се зголемува. Доказ за тоа е што пред пет години во земјава дозволи добиле 1.704 работници.

На почетокот на оваа година, Влдата одобри 10.000 дозволи за вработување на странци. Сепак и покрај тоа бројката е скромна. Барем така тврди Ангел Димитров, Претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија.

„Според бројот на издадени дозволи за вработување на странци, во Македонија учеството на странска работна сила сѐ уште е скромно. За разлика од земјите во опкружувањето, особено Србија и Хрватска, Македонија заостанува во овој процес“, вели Димитров.

Димитров со нас сподели дека во 2025 година Агенцијата за вработување издала 8.018 мислења за вработување на странци, што, според него, е далеку помалку од околните држави.

Тој нагласува дека факт е оти во Македонија формално сѐ уште имаме околу 90.000 невработени, но дека голем број од овие лица работат на црно.

„Во идниот период, главна работа на институциите е да го прочистат тој список на невработени за да знаеме со каква работна сила навистина располагаме.“

Во услови кога имаме иселување на млади од државата и низок наталитет, во иднина секако ќе се јави потребата за увоз на поголем број странски работници.

„Тогаш државата ќе мора да размислува за поеднотавување на процедурите за вработуање на странски работници, а компаниите за тоа како да привлечат квалификувана работна сила од странство“, вели Димитров.

Во однос на тоа што треба да направат компаниите за да привлечат квалификувани странски работници, Димитров истакна дека не треба да измислуваме топла вода, туку да ги следиме примерите од околните држави и развиените европски земји кои многу одамна го имаат започнато овој процес.

„Работодавачите ќе мораат да обезбедат подобри услови за сместување на овие лица и пристојна заработка. Дополнителен проблем е што во Македонија има доста строг Закон за работните односи во однос на работните часови, затоа што овие лица по правило сакаат да работат повеќе и да заработат повеќе, за да можат дел од заработката да ја испратат на семејствата во татковината“, посочи Димитров.

Нашата Влада, вели, е свесна за овој процес и ако потребата за увоз на работници се зголеми, ќе ги зголеми и квотите за увоз, бидејќи во спротивно ќе се намалат можностите за зголемување на економијата, а со тоа и обезбедување на доволно средства за здравството, образованието и другите јавни услуги.

Инаку, минатата година од Македонија избегале 166 странски работници, тренд за кој работодавачите велат дека се намалува.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk