ОстанатоСветСветот на работникот

Порше укинува уште 4.000 работни места?

Германскиот произведител на луксузни автомобили Порше би можел да укине уште 4.000 работни места покрај веќе најавените отпуштања, пренесува германскиот „Ханделсблат“, повикувајќи се на извори од компанијата.

Според наводите на германскиот весник, најмногу би можеле да бидат погодени вработените во секторот менаџмент и администрација, додека во развојниот центар во Вајах се преиспитуваат 30 % од капацитетите.

Портпаролот на компанијата не сакал да го потврди конкретниот број на работни места кои би можеле да бидат укинати, но навел дека се подготвува за сеопфатен пакет на мерки за зголемување на ефикасноста на работењето кој ќе биде претставен до крајот на јули, пренесува „Шпигел“.

„Ханделсблат“ наведува и дека Порше започнал реорганизација на секторите за продажба поради послабите резултати, а три менаџерки на високи позиции наскоро ќе ги напуштат своите функции.

Компанијата во мај најавила гасење на три ќерки фирми, што би можело да влијае на дополнително 500 вработени.

Извршниот директор на компанијата Порше, Михаел Лајтер, уште во март, покрај првиот пакет на мерки, најавил и дополнително намалување на бројот на вработени.

Според претходните планови, до 2029 година во регионот на Штутгарт би требало да бидат укинати околу 1.900 работни места низ социјално прифатливи програми.

Порше се соочува со забавена продажба и значен пад на профитабилноста, а неговиот профит во првиот квартал во 2026 година паднал за повеќе од 90 %, што го зголемило притисокот врз спроведување на нови мерки за штедење.

Извор: b92.net