Колумни

Ниските плати не се единствената причина за лошиот стандард на граѓаните

Пишува: Бобан Илијевски

Податоците на организацијата за истражување „Реактор“, покажуваат дека вработените во Македонија се втори по ризик од сиромаштија во Европа. Пред нас е само Романија. Ова значи дека работоспособните луѓе во Македонија кои во просек работат над 8 часа дневно, некои од нив и седум дена во неделата, со нивните плати не можат да постигнат да ги задоволат основните потреби, а не па да трошат на други работи, како на пример, за забава, рекреација итн. Верувам дека ваквото истражување уште повеќе ги тера младите, особено оние коишто се квалификувани да размислат зошто да останат овде да работат, кога повторно ќе бидат без пари, па дополнително се мотивираат да заминат од Македонија. Апсурдно е за некој, што вложил толку многу пари и труд во стекнувањето на квалификации, за да може да биде компетентен на пазарот на трудот, на крајот да остане без пари.

Ниските плати не се единствениот проблем поради ваквата ситуација. Тука се и трошоците за живот коишто континуирано растат. Платите никако не можат да ги надминат ваквите трошоци, па поради тоа имаме ситуација кога вработените во Македонија се втори по ризик од сиромаштија.

Податоците на државниот завод за статистика покажуваат дека во април, оваа година, споредбено со март, оваа година, пораст на индексите на трошоците на живот е забележан кај маслото и маснотиите за 10,8 %, свежиот и разладениот зеленчук освен компирите и другите коренести плодови за 7,2 %, свежото и разладеното овошје за 5,3 %, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,9 %, рибата и морските плодови за 0,8 %, виното за 0,6 %, и лебот и житата за 0,2 %.     

Според ДЗС, во април, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај течните горива за домаќинствата за 15.6 %, обувките за 1.9 %, информатичката опрема за обработка на податоците за 1.1 %, градините, растенијата и цвеќињата за 1.0 %, горивата и мазивата за сопствените превозни средства, домашните миленици и сродните производи, канцеларискиот материјал и материјалите за цртање за 0.9 %, електричните апарати за лична хигиена за 0.8 %, малите електрични апарати за домаќинствата, накитот, часовниците и рачните часовници за 0.7 %, велосипедите за 0.6 %, фармацевтските производи за 0.5 %, материјалите за одржување и поправки на живеалиштето за 0.4 %, облеката за 0.3 %, услугите за одржување и поправки на живеалиштето, теписите и другите подни покривки, моторните возила, патниот патнички транспорт, медиумите за снимање, фризерските салони и центрите за разубавување за 0.2 %.

ДЗС регистрира дека намалување на индексите на трошоците на живот во април, во споредба со претходниот месец, е забележано кај минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овојше и зеленчук за 0,6 %, полномасното млеко за 0,5 % и прехранбените производи не споменати на друго место за 0,3 %.  

Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај гасот за домаќинствата за 2.0 %, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства за 1.5 %, цврстите горива за домаќинствата за 1.2%, книгите за 1.0 %, другата облека и додатоците за облека за 0.3 %, големите електрични апарати за домаќинствата, другите апарати и производи за лична хигиена за 0.2 %, велат податоците на ДЗС. 

Индексот на трошоците на животот во април 2021 година, во однос на април 2020 година, бележи зголемување од 2.7%, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 3.7 %, наведуваат од ДЗС.

Од самата статистика може да забележиме дека речиси сите производи бележат раст. Кога истовремено растат платите, заедно со цените за трошоците на живот, тогаш не може да дојде до израз растот на платите. Поради тоа и просечната плата не може да ја надмине минималната потрошувачка кошница.

Мислам дека Владата треба сериозно да се фати за работа и да види колку и што може да направи во овој дел, бидејќи колку и да растат платите, ако заедно со нив, растат и трошоците, граѓаните нема да видат некоја промена во животниот стандард.

Фото: Pexels