НовостиСветот на работникот

ОГЛАСОТ НА КОЈ АПЛИЦИРАТЕ МОЖЕ ДА Е ЛАЖЕН: Зошто компаниите објавуваат лажни работни позиции?

   Време за читање 6 минути

Лажните огласи за работа се размножуваат на интернет, а сѐ повеќе компании признаваат дека објавуваат нови работни места кои изгледаат реално, а кои во суштина не постојат.

Четириесет проценти од компаниите рекле дека оваа година објавиле лажен список на работни места, покажува истражувањето спроведено во мај на 650 менаџери за вработување за веб страната Resume Builder. Според истражувањето, моментално 3 од 10 компании имаат лажни огласи на своите веб страните или на огласните табли.

За разлика од измамите во кои криминалците настојуваат да ги добијат личните податоци на кандидатите, и самите менаџери за вработување често стојат за овие „фиктивни работни места“.

Додека 7 од 10 менаџери за вработување велат дека веруваат оти оваа пракса е морално поприфатлива и корисна за работење, таа им го комплицира барањето на работа на работниците, а исто така може да ја наруши и нивната доверба во компаниите.

„Тоа не е ништо ново, но е подигнато на ново ниво од тоа што го гледаме“, рекла главната советничка за кариера во Resume Builder, Стејси Халер. „Тоа е многу загрижувачки, и тие тоа го прават за да создадат одреден впечаток на светот и своите интерни вработени. Но зборот ‘лажни’ не би требало да се применува никаде во процесот на вработување.“

Менаџерите за вработување за Resume Builder рекле дека одделенијата за човечки ресурси на нивните компании, топ менаџерите и раководителите и, во неколку случаи, инвеститорите или консултантите смислиле лажни работни места.

Од компаниите кои се бавеле со оваа пракса, 45 % објавиле помеѓу еден до пет лажни огласи за работа; 19 %  објавиле 10; 11 % објавиле 50; 10 % објавиле 25, а 13 % објавиле 75 или повеќе. Работните позиции ги опфатиле сите нивоа, од почетни до работни места на извршни нивоа.

„Подобро е да работиш повеќе“

Според истражувањето, компаниите имаат неколку мотиви за објавување на лажни огласи. Прво, некои имаат за цел да ги наведат моменталните вработени да помислат дека работата не само што расте, туку и дека се трудат да вработат повеќе работници и да ги ублажат постоечките оптоварувања.

Во некои случаи, менаџерите за вработување рекле дека нивната цел била да им сигнализираат на моменталните вработени дека се заменливи.

Речиси 60 % од анкетираните компании рекле дека прибираат биографии за да ги задржат за подоцна, без намера веднаш да вработат некого, пишува CBS News.

„Тие тоа можат да го направат за да сугерираат дека вработуваат, така што ако веќе сте нивен работник ќе помислите: ‘Ќе ве ослободиме од работа’, рекла Халер. „Тоа исто така може да биде начин да се каже: ‘Ние сме компанија која расте.’ Исто така, тоа би можел да биде начин да се каже: ‘Бараме работници да ве замениме, па подобро е да работите повеќе.’“

Што се однесува на менаџерите за вработување, поголемиот дел велат дека морално сомнителната тактика функционира. Речиси 70 % од нив рекле дека објавувањето на лажни огласи за работа го зголемил приходот. 60 % рекле дека огласите за работа имаат позитивно влијание на моралот, а 77 % изјавиле дека продуктивноста меѓу работниците е зголемена.

Порастот на ваквите објави би можел да објасни зошто толку луѓе кои бараат работа велат дека никогаш не добиле повик од регрутерите откако ги испратиле своите биографии. Меѓутоа, некои компании вложуваат големи напори да продолжат со измамата, дури одат до тој степен да интервјуираат кандидати за лажни работни места.

Речиси 40 % од компаниите рекле дека секогаш ги контактирале кандидатите кои се пријавувале за лажни позиции. Од тие компании, 85 % рекле дека дури ги интервјуирале кандидатите.

45 % од компаниите истакнале дека понекогаш ги контактирале кандидатите, а 17 % ретко или никогаш.

Регрутерите во голема мера ја прифаќаат оваа пракса. Седум од 10 рекле дека веруваат дека тоа е морално прифатило, и покрај тоа што ги доведува во заблуда и оние кои бараат работа и вработените. Но може да биде тешко овој трик да се држи во тајност, особено интерно. Две третини од регрутерите велат дека вработените, инвеститорите или кандидатите дознале за лажната листа на работни места.

„Тоа секако ќе ѝ наштети на вашата репутација, бидејќи не знам никој кој сака да работи за компанија која ги лаже“, рекла Халер.

Дали можете да воочите лажен оглас за работа?

Може да биде тешко да се направи разлика помеѓу вистински и лажни огласи, особено кога компаниите ќе одлучат да поминат и низ заблудата на интервјуирање на кандидатите. Дури и ако менаџерот за вработување го чува вашето CV во архива, можеби за подоцнежна референца, објавата се смета за лажна ако компанијата нема намера веднаш да ја пополни таа позиција.

Од таа причина, огласите за работа кои биле активни подолги месеци, можат да бидат лажни, вели Халер. Ако распонот на платите за некои позиции е премногу широк, тоа исто така може да укажува на тоа дека компанијата не е сериозна во поглед на пополнување на таа позиција.

Извор: BIZLife.rs

Фото: Freepik

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера