НовостиСветСветот на работникот

ОЧАЈНО БАРААТ РАБОТНИЦИ: Локал на крајбрежјето нуди „мрсна“ плата

   Време за читање 2 минути

Летната туристичка сезона е во полн ек, а голем проблем на сите оние кои се бават со туризам и оваа година е адекватната работна сила. Се бараат готвачи, келнери, собарки, но еден оглас на социјалните мрежи привлече внимание многу повеќе од другите. Имено, во него стои дека се бара пица мајстор, а условите се повеќе од добри.

Во огласот се наведува дека локалот се наоѓа на мало место на црногорското крајбрежје и дека обезбедени се сместување и храна. Понудената плата изнесува 1,800 евра, а работното време е осум часа.

„Бараме некој кој има минимум три години искуство во оваа работа. Постојат можности и за вработување за стално, не само во текот на сезоната. Доколку некој сака да ја работи оваа работа при овие услови, може да ни се јави“, се наведува во огласот.

Иако во Црна Гора има преку 30,000 невработени, мал број од нив се одлучуваат да работат сезонски, па така по традиција работната сила која ги пополнува овие работни позиции доаѓа од регионот – БиХ, Србија и Македонија. Сепак, и нивниот број во текот на последните години значајно се намалил, па работна сила за на црногорското крајбрежје се бара низ целиот свет.

„Многу мал процент на Црногорци се одлучуваат да работат сезонски работи, поради што сме принудени работници да бараме во други земји. До оваа година традиционално работа на крајбрежјето бараа граѓаните на Србија и Босна и Херцеговина, но сега и нив ги нема бидејќи избрале други опции и подобро платени дестинации. Кај нас сега работат луѓе од Непал, Индонезија, Молдавија“, рекол Александар Јовановиќ, претседател на Здружението на угостители на Будва.

Тој додава дека овој акутен проблем на црногорскиот туризам треба системски да се решава и тоа заеднички помеѓу самите угостители и ресорните министерства, бидејќи како што истакнува, неопходно е подобро да се поврзат образовните установи и стопанството.

„Потребни ни се наши, вредни и млади луѓе кои сакаат да работат. Да имаме наш стручен кадар. Тоа сега сѐ е на климави нозе. Затоа секоја година сме во сѐ поголем проблем за тоа како да најдеме работници“, заклучува Јовановиќ.

Извор: Telegraf.Biznis/RINA

Фото: Shutterstock