ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

„Пандемијата просечното работно време во Македонија го намалила на 32 часа“

Бобан Илијевски

Минатата недела пишував за тоа дали во Македонија ќе се зголеми фондот на работни часови, кој според Заводот за статистика на Европската унија Евростат, во 2020 година изнесувал 39.6 часа. Пред 2020 година, според Евростат, македонските работници работеле во просек 41 до 42 часа неделно. Сепак и податоците на Евростат треба да се земат со резерва. Ова го тврдат експертите, објаснувајќи дека во пракса, во Македонија се работи многу повеќе.

2020 година, како и 2021, беше пандемиска година. Се случија голем број на пресврти на пазарот на трудот – испраќање на работници на принуден одмор, пренасочување на работа на далечина (од дома) и отпуштања од работните места. 

Според Унивезитетскиот професор по трудово правов, Лазар Јовевски, намалувањето на фондот на работни часови во 2020 година се должи токму на горенаведените аспекти. Тој потсетува дека уште една причина за тоа се и невидентираните часови токму на вработените кои работеа од дома, со оглед на тоа, како што вели, „им биле давани задачи и по завршувањето на работното време“.

Во однос на статистичките податоци, Јовевски вели дека треба да се земат со резерва, бидејќи во Македонија еден од најголемите проблеми е токму евидентирањето на работните часови. 

Тука имаме многу пропусти во пракса и сметам дека фондот на часови е многу поголем, но не е евидентиран. Многу луѓе работат прекувремено, но неевидентирано и не платено. Овој статистички податок треба да се земе со резерва, знаејќи ги приликите во Македонија коишто ги има во пракса. Сметам дека на база на анализиите коишто ги имам напреавено со мојот тим, во Македонија се работи повеќе од 40 часа во просек“, истакна Јовевски. 

В0 2021 година, фондот на работни часови во државите членки на Европската унија се зголемил, велат податоците на Евростат, вкупно за три проценти. Гледано поединечно по земја членка, најмногу се има зголемено во Грција, за 18 %. Исто така и во Србија, земја која не е членка на ЕУ, работните часови се зголемени во вториот квартал, во однос на првиот, од 42.9 на 43.9. 

Прашањето кое е логично тука да се постави е дали ваквата состојба би можела да се преслика и во Македонија.

Професорот Јовевски даде негативен одговор на ова прашање. 

„Економските параметри покажуваат дека генерално нема да се зголемат работните часови на вработените во Македонија, од причина што нема големи поместувања во однос на работната сила, да се отвораат нови работни места, кои ќе значат зголемен обем на работа. Оттука, бидејќи зголемениот фонд на часови е поврзан со зголемениот обем на работа, овој аспект отпаѓа, освен во индивидуални исклучоци, каде што отсекогаш се појавувало. Ова е на краток рок и секогаш станувало збор за субјективни моменти, а не други чинители коишто делуваат како економски параметри“, вели Јовевски.

Став околу темата побарав и од Институтот за економски истражувања „Finance Think“, од каде велат дека зголемувањето или намалувањето на работните часови е предмет на договор помеѓу работникот и работодавачот, потенцирајќи дека вообичаено за нашите простори е да се склучуваат договори на полно работно време од 40 часа неделно. 

Според Finance Think, постепено расте и бројот на работни договори склучени на пократко работно време од полното. Поради ова, објаснуваат од Институтот, има благо намалување на просченото работно време, од нешто околу 40 часа неделно, на нешто под таа бројка.

Тоа не го опфаќа ефектот на пандемијата, којшто беше многу поизразен, односно пандемијата просечното неделно време го намали на околу 32 часа во вториот квартал од 2020, со изразена хетерогеност, бидејќи некои гранки запреа и работниците отидоа на привремен одмор (работни часови 0), а на други работни места бројот на часови се задржа но се овозможи работа од дома“, велат од Finance Think.