МакедонијаСветот на работникотСиндикат

Папулев: Тешко ќе оди опоравувањето на туристичкиот сектор, бидејќи клиентите загубија доверба во туристичките агенции

Папулев: Тешко ќе оди опоравувањето - Работник
354views

Угосителскиот и туристичкиот сектор се едни од најпогодените од пандемијата предизвикана од коронавирусот. Вирусот во најголем дел удри по работните места, за што се согласува и Синдикатот за угостителство и туризам при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија.

Туристичкиот сектор е доведен до нула, затоа што туристичките агенции и аеродромите се затворени, хотелите се отворија на 22 јуни, но не знаеме како ќе функционираат во ек на пандемија, вели потпретседателот за туризам на Синдикатот за угостителство и туризам, Сашко Папулев.

Вели дека ситуацијата е очајна, бидејќи туристичките и угостителските работници се едни од најпогодените од пандемијата. Посочи дека и рестрикитвните мерки на Владата довеле до тоа да туристичкиот сектор застане на речиси четири месеци.

„Како ќе биде понатаму и како овие луѓе ќе се вратат на своите работни места, не знам. Само знам дека во туристичките агенции има недостиг на финансиски стредства. Голем број на луѓе имаа букирано летови, за кои нема да добијат поврат на средствата, туку ваучери, со тоа се направи контраефект, затоа што тоа предизвика бес кај клиентите“, вели Папулев, додавајќи дека Владата не направила ништо конкретно за да им помогне на туристичките агенции.

Папулев вели и по стартувањето на сезоната, туристичките агенции ќе настрадаат најмногу, бидејќи голем број од нивните клиенти ќе изгубат доверба во нив, поради тоа што не биле во можност да им ги вратат парите.

На прашањето дали имаат проценка за тоа колку работници се отпуштени од туристичкиот сектор, тој рече дека немаат точна бројка, бидејќи голем број од нив работеле во сивата економија.

Во однос на платежните картички за туризам, Папулев смета дека оваа мерка може да се гледа од позитивен и негативен аспект. Според него, позитивниот аспект е тоа што оние коишто ќе добијат платежни картички ќе ги потрошат во нашите туристички дестинации. Вели дека ова е добро, бидејќи малку ќе му помогнат на туристичкиот сектор.

Негативната страна, како што рече тој, е износот на сумата на платежните картички. Тој смета дека граѓаните ќе треба да дадат плус пари од својот џеб за да можат да одат на одмор во македонските туристички дестинации и поради тоа, неговиот став е дека некои нема ни да ги искористат платежните картички.

Папулев истакна дека синдикатот во неколку наврати се обидел да направи соработка со Угостителско – туристичката комора, за да, како што вели, испратат заеднички барања до Владата, но според него, од комората досега немало интерес за соработка со синдикатот.

Папулев истакна дека оваа сезона македонскиот туризам, во најголем дел ќе се потпре на домашните туристи, со оглед на тоа дека ќе има мал број на странски туристи поради пандемијата.

Бобан Илијевски