- Advertisement -
КолумниНовости

Патешествието на една македонска работничка класа

719views

Свесен сум дека некои од луѓето кои ги читаат моите колумни сметаат дека ја напаѓам постојано актуелната власт, иако секогаш нагласувам дека проблемите постојат од осамостојувањето на Македонија. Реално е одговорноста да се бара во партијата која ја има власта, а не во опозицијата, бидејќи партијата на власт е таа која ги креира сите политики, од било која сфера, вклучувајќи ја и трудовата за која јас постојано пишувам. Веќе две години активно се занимавам со новинарство, анализирајќи ја, пишувајќи и известувајќи за случувањата поврзани со работниците и работодавачите и можам искрено да кажам дека ситуацијата не е баш добра. 

Самото тоа што одредени газди наоѓаат “дупки” во Законот за работни односи, кои ги користат за да им го трансформираат работниот однос на работниците, од неопределено работно време во определено, покажува дека и тоа како треба да се измени законот, кој веќе е во фаза на предложување на измени и дополнувања. Според темпото по коешто одат консултациите помеѓу социјалните партнери, ќе биде потребно уште долго време пред истиот да се донесе. Од друга страна, имаме инспекторат за труд кој нема доволно човечки ресурси за да врши почести надзори на терен. Имаме фирми каде што се уште основното право за пауза за јадење не се почитува. Успеав да посведочам и на исплата од два денари на сметки на равотници. Пишував и за бескрупулозниот мобинг кои газдата го вршел врз своите вработени во еден ресторан. Слушнав и се зачудив, кога една работничка на лекар дознала дека нема здравствено осигурување поради тоа што работодавачот ги одјавувал и пријавувал кога ќе му текне.

За жал, иако многу сакав да слушнам и напишам повеќе позитивни приказни, барем да се приближно со негативните, не успеав. Уверен сум дека постојат работодавачи кои ги почитуваат правата на работниците во целост, иако многумина тврдат дека секаде е исто. Грешат. Има работодавачи коишто страдаат од вработените. Сепак, како што имам напишано во неколку наврати: Нема толку лоши работници, колку што има газди жедни за профит на сметка на трудот на работникот.

Бобан Илијевски