Платите на овие возачи се едни од најголемите? „Причината поради која заминуваат е стекнување на искуство“
Бобан Илијевски
Познато е дека насекаде низ светот се бараат возачи поради нивниот огромен недостиг. Сепак, според Претседателот на Независниот синдикат на камионските транспортери на Македонија, Страшо Јованов, „најголема планетарна лага“ е дека има недостиг возачи на шлепери во Македонија.
На времето, тогашниот Генерален секретар на Европската федерација на синдикати од транспортниот сектор Јап Винен не праша колку регистрирани камионџии има во Македонија. Јас прашав во МВР, од каде ми рекоа дека има регистрирано 7,600 влекачи – трактори и 12,000 приколки од 20 и повеќе метри. Кога слушна Винен за ова знаете што ми рече: „Вие сте најголема светска велесила во транспорт“, вели Јованов во изјава за порталот Работник.
Според неговата проценка, бројот на влекачи сега е плус-минус бројката во 1998/1999 година и дека има сигурно повеќе приколки од наведениот период.
Редакцијата на Работник побара точна бројка од МВР, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.
Тој тврди дека депласирана е изјавата оти немало возачи и посочи дека Холандија која има значајно поголем број на жители од Македонија има помалку влекачи и приколки.
Генералниот секретар на Асоцијацијата на камионски транспортери МАКАМТРАНС, Биљана Муратовска вели дека во Министерството за транспорт и врски има регистрирано околу 18,000 возачи кои полагале и се стекнале со сертификат за професионална компетентност. За да биде појасно, оваа бројка се однесува на возачи коишто обавуваат меѓународен превоз на стока и патници.
Сепак, таа смета дека голем дел од нив во последниве неколку години работат во државите од Европската унија, како што се: Германија, Белгија, Холандија, Полска, Чешка, Словенија итн.
На возачите на шлепери им е уште повеќе им се олесни да работат во странство преку тоа што започнал процес на примање на работа и со македонски патни исправи и со обезбедување на работна виза преку превозниците кои ги вработуваат.
Тие се вработуваат и преку македонски превозници кои регистрираат превозни трговски друштва во државите од ЕУ за да можат непречено да вршат превоз на стока поради бариерите кои Македонија ги има со обезбедување на меѓународни транспортни дозволи за достапност до европскиот транспортен пазар преку потпишани билатерални спогодби од областа на превозот во патниот сообраќај, вели Муратовска.
Муратовска посочи дека актуелната криза со возачи генерално настанала од 2015 година, а податоците на ИРУ (Светска организација за транспорт) јасно укажале на тоа дека за оваа професија нема интерес кај младите и кај жените.
Само со одење во пензија на светско ниво, се проценува дека до 2025 година ќе има недостаток од 2 милиони возачи. Трендот продолжува затоа што генерално се работи за возачи од постара генерација кој недоволно се обновува, посочи Муратовска.
Апелот на ИРУ, објаснува таа, до сите држави бил да се даваат стимулации и да се агитира за да се привлечат младите да сакаат да работат како возачи, додавајќи дека во Македонија нема никакви мерки за стимулации и привлекување на млади и жени во оваа професија.
Државите кои се членки на ЕУ, продолжи таа, активно вршат агитирање на територијата на Балканот, со што привлекуваат возачи кои заминуваат да работат за нив.
Поради големиот недостиг на возачи, вели Муратовска, голем број од газдите и нивните семејства сами управуваат со возилата, а во одредени случаи и финансираат и обучуваат возачи кои по три или шест месеци заминуваат во странство, а со тоа возниот парк на им станува нефункционален.
Страшо Јованов тврди дека возачите на шлепери се една од најплатените професии на планетата, а со тоа и во Македонија, притоа потенцира дека потребно е да се исполнуваат одредени предуслови за да се биде возач на шлепер.
Потребно е да се исполнуваат некои предуслови за да се биде возач на шлепер. Не може секој да управува со возило од 42 тона, истакна Јованов.
Смета дека причината поради којашто заминуваат да работат надвор од државата е да стекнат работно искуство во меѓународен транспорт, а не поради платите.
Муратовска вели дека платата на возачите е проценка на секој превозник поединечно, односно дека постојат разни начини за наградување на возачите за домаќинско вршење на своите работни задачи.
Според Општиот Колективен договор за стопанство, појаснува Муратовска, платата се состои од три дела – основната плата, која е минималната плата, остварена реализација (колку превози се извршени во текот на месецот, нивната вредност и сл.) и надомест за дневници кои се пресметуваат за сите возачи кои вршат меѓународен превоз.
Фото: Freepik

