Вести

Платите се порамнија уште повеќе, незадоволството се зголеми

Минималната плата се зголеми на 18,000 денари. Тоа е за поздравување. Сега, што правиме со усогласувањето на платите? Зголемувањето на минималецот предизвика порамнување на платите во многу дејности во приватниот, и јавниот сектор.

Покачувањето на минимална плата предизвика работни места со различни коефициенти на сложеност да имаат слични плати

Мислам дека воопшто не е вкусно работни места со различни коефициенти на сложеност да имаат слични плати. Како прво, тоа ги прекршува законите и колективните договори. Како второ, ја зголемува демотивацијата кај работниците кои имаат поголем коефициент на сложеност на работните места. Не може, работните места каде се бара средно образование да имаат слична плата како оние каде што се бара факултет. Едноставно, не е фер.

Во приватниот сектор, за разлика од јавниот, ситуацијата е поинаква. Таму, на крајот од денот, самиот работодавач одлучува колку ќе им даде плата на работниците. Доколку сака, на некој некој вработен којшто го вработил „вчера“, може да му даде поголема плата од вработениот којшто во компанијата работи неколку години. И ова не е фер, но тука не може никој да се меша. Е сега, се разбира дека работникот којшто има повеќе искуство, во ваквиот случај, може да даде отказ од работа поради револот. Она што сакам да го кажам е дека нема да има никакви правни последици по работодавачот.

Овој работодвач би можел да се соочи со проблем доколку има синдикат во неговата компанија, а со тоа има и склучено Колективен договор. Тогаш е веќе друга приказна.

Јавниот сектор се заканува со штрајк

Порамнувањето на платите е стар проблем на вработените во јавниот сектор. Колективните договори никако не можат да се усогласат со минималната плата, иако усогласувањето е пропошано во член 8 од Законот за минимална плата. Според синдикатите, кога и да се разговара за минималната плата, речиси никогаш не се зборува за овој член. Во што е проблемот не знам, но знам дека штрајкот е неминовен доколку до март не се изнајде решение за проблемот. Ова не го велам јас, туку синдикатите од јавниот сектор.

Опозициската ВМРО – ДПМНЕ поднесе амандман за усогласување на платите во јавниот сектор. Со тоа би требало скалесто да се зголемат платите согласно минималната. Лично сметам дека ова е добра одлука од страна на опзициската партија. Треба еднаш засекогаш да се реши овој проблем кој со децении ги мачи вработените во јавниот сектор.

Мора да се засили синдикалното делување во приватниот сектор

Реалноста е дека вработените во приватниот сектор се соочуваат со далеку поголеми проблеми од тие во јавниот сектор. Најголемиот дел од оние коишто се приматели на минимална плата доаѓаат токму од овој сектор. Мојот став е дека потребно е да се засили синдикалното организирање во приватните компании. Силата на синдикатите е во колективноста. Еден работник, не може ништо да направи. Група на работници, можат да направат многу заедно. Кај нас членството во синдикати во приватниот сектор е релативно мало. Зошто е тоа така, треба да се прашаат самите рабоотници, а и синдикатите.

Колку што гледам, нема некоја голема волја од страна на вработените во приватниот сектор да членуваат во синдикат. Тоа е така, од причина што гледаат дека одредени синдикати не ги заштитуваат нивните права. Кога имате ситуација каде што се дозволува на вработените да им се исплати 2 денари плата и притоа синдикатот да не реагира, нормално е да се има одбивност кон конкретниот синдикат.

Синдикатот доколку работи како што треба, може да биде од многу голема полза за работниците. Истиот може да се избори тие да земаат плата колку што им следува. Едно е кога нема Колективен договор во компанијата, а друго е кога ќе се преговара и ќе се утврдат сите обврски и права, токму преку Колективниот договор.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk