Повеќето постојат само на хартија: Од 75 кариерни центри, само неколку се во функција
Новинар: Бобан Илијевски
Дел од кариерните центри во училиштата ги има само на хартија, додека многу помала е бројката на тие што ја исполнуваат својата функција. Ова го истакна Катерина Златановска – Попова, Советник за развој на кариера и тренер за меки вештини, во интервју за порталот Работник.
„Има и такви кои се исклучително активни и посветени на поддршката на учениците каде веќе со години работат мои колешки, кариерни советнички чии ентузијазам и љубов ја прави вистинската разлика низ годините“, вели Златановска – Попова.
Кариерните центри во АСУЦ и Ѓорѓи Димитров во Скопје и во СОУ „Нико Нестор“ во Струга, Златановска – Попова ги наведе како дел од оние кои се активни и им помагаат на учениците при изборот на кариера.
Нашата соговрничка изрази надеж дека со новиот закон за средно образование, за кој се надева дека ќе биде донесен наскоро и кој предвидува работна позиција кариерен советник во секое училиште, дека ќе овозможи постоење на функционални кариерни центри.
Инаку, во Македонија во 2012 година се реализирал проект на USAID во чии рамки биле отворени и опремени простории за 75 кариерни центри ширум државата. Од нив, 52 се сместени во средните училишта и за истите биле обучени наставници кои ја преземале улогата на карирени советници.
Според Златановска – Попова, првите години овие кариерни центри функционирале исклучително на ентузијазмот и желбата на одредени наставници да им излезат во пресрет на своите ученици.
„За жал, ситуацијата, 10 години подоцна е разочарувачка; огромен број од кариерните центри со промените на локалните власти и директорите се пренаменети и/или се нефункционални, обучените наставници никогаш не добија соодветна позиција во рамки на систематизацијата и воедно соодветен финансиски надомест и во 2023 година повторно сме на почеток. Не се обезбедија услови за одржливост кои ќе ја унапредат работата на кариерните центри и ќе обезбедат нивна функционалност“, истакна Златановска – Попова.
Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, во кратка изјава за порталот Работник рече дека неопходно е воведување на кариерни центри во основните и средните училишта за правилно насочување на учениците при изборот на нивната кариера.
„Се разбира, ова нема да ги реши сите проблеми кои ги имаме на пазарот на трудот, но може да ја ублажи ситуацијата. За да се постигне подобар ефект, ќе бидат потребни многу построги услови за запишување во средните училишта и на факултетите“, рече Димитров, појаснувајќи дека насоките од кариерните центри не треба да бидат само како „предлог“, туку учениците кои нема да се придржуваат на одлуките на кариерниот центар да плаќаат дел од трошоците за образование.
Свесен е дека ова изгледа многу строго, но идејата ја оправдува со ставот дека ситуацијата е хаотична, бидејќи учениците се запишуваат на факултети за кои немаат никакви афинитети и знаење, а дипломите кои ги добиваат се без доволно ниво на знаење, за што вели, никому не му користи.
За функционалноста на постоечките кариерните центри вели дека истата е минимална и дека тие треба да бидат подобро законски поставени за да дадат поголеми резултати.

