Дали кариерните центри можат да ја намалат невработеноста во Македонија? Интервју со Катерина Златановска – Попова, Советник за развој на кариера
Новинар: Бобан Илијевски
Кариерните центри играат голема улога во помагањето на учениците да се подготват за професионалниот живот. Сепак, во Македонија кариерните центри, во најголем дел функционираат само на хартија. Ова во интервју за порталот Работник го вели Катерина Златановска – Попова, Советник за развој на кариера и тренер за меки вештини.
Пред да продолжиме со целосното интервју, нашата соговорнича сака да изрази благодарност до Марија Коваческа, советничка за развој на кариера и член на АСК, професор кој веќе 12 години имплементира активности за кариерно советување и активно учествува во градење на капацитетите на кариерните центри, за пружената помош при одговарање на прашањата за ова интервју.
Работник: Во кои училишта треба да се отворат кариерни центри? Дали само во основните или во средните или пак во двете?
Златановска – Попова: Во Македонија ја имавме привилегијата нашите средни училишта да бидат дел од проект на USAID уште во далечната 2012 година во рамки на кој беа отворени и целосно опремени простории за 75 кариерни центри на територијата на целата држава. Од нив 52 се сместени во средните стручни училишта и беа обучени наставници за улогата на кариерни советници. Првите години овие кариерни центри функционираа исклучиво на ентузијазмот и желбата на одредени наставници да им излезат во пресрет на своите ученици. За жал, ситуацијата, 10 години подоцна е разочарувачка; огромен број од кариерните центри со промените на локалните власти и директорите се пренаменети и/или се нефункционални, обучените наставници никогаш не добија соодветна позиција во рамки на систематизацијата и воедно соодветен финансиски надомест и во 2023 година повторно сме на почеток. Односно, не се обезбедија услови за одржливост кои ќе ја унапредат работата на кариерните центри и ќе обезбедат негова функционалност.
А што се однесува до вториот дел од прашањето, дефинитивно првата кариерна ориентација и проценка на интереси треба да се случува во основните училишта. Според развојните теории, карактеристиката што го одредува успехот во донесувањето одлуки за кариера е зрелоста за избор на професија/занимање или „подготвеност за професионален избор “. Оваа подготовка е долгорочен процес и е неопходно да се воведе во сите степени на образование, прилагодена на возраста на учениците. А тоа најдобро може да се направи преку функционални кариерни центри.
Работник: Дали во Македонија има кариерни центри во училиштата? Јас пронајдов информации дека вакви центри има во Васил Антевски – Дрен во Скопје и во две средни училишта во Штип. Дали знате како функционираат овие центри?
Златановска – Попова: Како што напоменав, дел од кариерните центри постојат само на хартија, сепак има и такви кои се исклучително активни и посветени на поддршка на учениците каде веќе со години работат мои колешки, кариерни советнички чиј ентузијазам и љубов ја прави вистинската разлика низ годините. Такви се кариерните центри во АСУЦ, во Ѓорѓи Димитров, во СОУ Нико Нестор во Струга… Со нивиот закон за средно образование кој искрено се надевам дека наскоро ќе биде донесен, предвидена е работна позиција кариерен советник во секое училиште и воедно верувам дека тоа ќе овозможи постоење на функционален кариерен центар. Со нетрпение го очекуваме денот кога кариерното советување ќе го заземе вистинското место во рамките на редовниот образовен систем.
Работник: Зошто им се потребни кариерни центри на училиштата?
Златановска – Попова: Улогата на кариерниот центар во планирањето на кариера на учениците е суштинска во сите фази на кариерното советување и има клучна улога во професионалниот развој на ученикот.
Затоа, кариерните центри во училиштата имаат повеќе улоги; покрај проценката на интереси на учениците, поддршка при изборот на училиште или универзитет како и планирање на идната професија, кариерните центри играат и важна улога при поврзување на родителите и бизнис заедницата, креирање различни активности, можности за волонтерска работа, одржување на работилници за подготовка на CV, претставување на интервју, саеми за кариера за претставување на различни професии пред учениците и т.н.
Работник: Што покажуваат искуствата од земјите каде што има вакви кариерни центри? Колку истите им помагаат на учениците во градењето на нивните кариери?
Златановска – Попова: Земјите кои на кариерниот развој гледаат како на долгорочна профитабилна инвестиција, вложуваат во унапредување на процесот на кариерно советување и вршат континуирано проширување на концептите кои го поддржуваат истиот, па секако и во унапредување во работата на кариерните центри. Во многу европски земји овие интервенции се гледаат како превентивно делување за да се избегнат негативни ефекти во професионалниот живот на своите граѓани, што значително влијае и на намалување на стапката на невработеност. Затоа најголем дел од државите, кариерното советување го воведуваат во образовниот систем уште во раната возраст, најпрво како концепт на кој треба да се навикнат да размислуваат, да умеат да ги издвојат и искористат информациите со кои се соочуваат во секојдневието, а покасно и да донесуваат одлуки за сопствениот професионален развој.
Како пример ќе наведам една поврзаност, најголемата стапка на невработеност кај младите во Европа е забележана во 2013 год., скоро 4,7 милиони. За да се изборат со проблемот, најголем број европски држави ја интезивираа работата на кариерните центри и ја засилија улогата на кариерното советување. Најчесто прифатен беше моделот на Финска, кој вклучува кариерно советување преку активни кариерни центри и вработени кариерни советници во сите степени на образование. Ваквиот модел е оценет како исклучително успешен затоа што дава одлични резултати во борбата со невработеноста.
За време на пандемијата, се случи целосно преструктуирање за да не се запостави она што е искличително значајно за побрз излез од кризата и се премина на онлајн кариерни центри и веб портали кои поддржуваат планирање на кариера.
Искуствата покажуваат дека учениците навремено можат да направат информирана кариерна одлука, имаат појасна слика за тоа што сакаат да учат и со што сакаат да се занимаваат и воедно бизнис заедницата добива обучени кадри со тоа што најголем дел од учениците се определуваат за стручно образование кое им нуди поголеми можности на учениците уште во текот на образованието.
Работник: Дали сметате дека преку воведување на кариерни центри, учениците повеќе ќе се стимулираат, по завршувањето на образованието, да отвораат свои бизниси или да бидат поамбициозни при избирањето на кариера?
Златановска – Попова: Дефинитивно ќе имаат каде и од кого да добијат информации поврзани со професиите, планирањето на кариерата, подготовка за практикантска работа, подготовка за интервју и сл. Еден дел од кариерното советување подразбира и истражување на можностите за претприемништво и отворање на сопствен бизнис, како и реализација на соодветни информативни едукативни работилници за отворање на видиците кај учениците за изгледот и потребите на светот по 5 или 10 години и нивната иднина во тој свет.

