НовостиПравдаСветот на работникот

Поранешна вработена во ресторанот „Три Бисери“: Не тераше да стоиме додека јадеме-ВТОР ДЕЛ

Поранешна вработена - Работник
2.97Kviews

Во првиот дел на приказната „Патешествието на поранешните вработени во ресторанот Три Бисери“ споменавме дека имаме изјава од поранешна вработена во ресторанот која, поради страв сопственикот да не и наштети по здравјето, ја замоли нашата редакција да остане анонимна. Мораме да напоменеме дека нејзиниот иднетитет е познат на нашата редакција. 

Во разговорот со поранешната вработена, таа посочи дека групата на вработени во која била и таа, во ист ден била одјавена, на 24 април оваа година, а притоа, како што вели, никој од вработените не потпишал никаков документ. 

Истакна дека сопственикот на ресторанот не им дал конкретна причина за групната одјава, туку им рекол дека ќе поседат дома само неколку денови поради коронавирусот. 

Таа раскажа дека на сите не им биле исплатени деновите коишто ги одработиле, нагласувајќи дека постојано биле изложувани на вербални закани дека ќе бидат отпуштени. 

Истакна дека кога ресторанот бил празен и немале работа, сопственикот не им дозволувал да седнат за да одморат. Според неа, дури и кога јаделе, тој ги терал да стојат. 

„Ни правеше максимален притисок со времето на доаѓање на работа, не тераше да стоиме додека јадеме бидејќи тој така сакаше“, истакна поранешната вработена во ресторанот „Три Бисери“. 

Нагласи дека договорот за исплата на плата, како и процедурата за отказниот рок, не биле испочитувани од негова страна.

На огласот за работа било наведено дека платата изнесувала 31,500, но тој ги пријавил само на 15, 000 денари, но вели дека не им исплатил ништо од тоа.

Ја замоливме да ни опише еден работен ден кога се случувале прекршувањата на работничките права кои претходни ги наведе.

Поранешната вработена истакна дека тоа се случувало речиси секој ден. Работеле од 9 до 12 часа на ден, раскажа таа, минутите од паузата им ги броел и ги убедувал дека никаде не постоела пауза од половина час за ручек. Им велел дека наводно секаде била помалку. Имале само еден слободен дел во неделата. Но друг извор којшто бил вработен во ресторанот посочи дека се случувало и да немаат ниту еден слободен ден. Напоменуваме дека и неговиот идентитет е познат на редакцијата, но поради страв да не му биде наштетено не сакаше да се открие истиот. 

На прашањето каков исход очекува од пресудата, поранешната вработена рече дека би сакала ова да не им се случува на други луѓе повеќе. Се надева дека ќе се крене свеста во врска со мобингот врз работниците.

„Се надевам дека ќе бидам и обесштетена затоа што и покрај се, платата ми е секогаш чесно заработена“, вели таа. 

Вториот извор го потврди сето ова што го кажа поранешната вработена, но и ни раскажа нешто друго кое отвора сосема друга приказна. Но, поради тоа што немаме докази за тврдењата на изворот, нема да навлегуваме во детали. Посочи и дека последниот месец од нејзиниот работен однос, на неговата трансакциска смета имал само еден денар плата.

Поранешната вработена рече дека пријавиле и до Државниот Инспекторат за труд, но од таму реагирале после 21 ден, за што зборува и изјавата на координаторот на Трудовиот сектор на Левица Бобан Кочовски во првиот дел од оваа сторија. 

Се обидовме да дојдеме и до сопственикот на ресторанот „Три Бисери“, но не добивме никаков одговор од него до објавувањето на оваа приказна.

Случајот со вработените од ресторанот „Три Бисери“ сеуште очекува правна разрешница. 

Бобан Илијевски