ПОТПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА СКМ НА „ЕКОНОМСКО ЗАЗДРАВУВАЊЕ И РАСТ ПО КОВИД“ До следниот август, 94 отсто од компаниите планираат инвестиции
Секогаш кога настапуваме како Комора настапуваме во име на бизнис заедницата и цениме дека имаме репрезентативност со оглед и на тоа што секој трет вработен во приватниот сектор во нашата земја е вработен кај компанија-членка на нашата Комора (33,7 отсто), половина од вкупниот приход во приватниот сектор го генерираат компании членки на нашата Комора (50.3 отсто) и речиси половина од нето добивката во приватниот сектор ја генерираат компании-членки на нашата Комора (48 отсто). Тоа ни дава за право да предлагаме мерки и решенија кои ќе бидат во интерес на нашите компании, се наведува во соопштението на Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ).
Во продолжение интегрално ги пренесуваме главните поенти од излагањето на потпретседателката на Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ) д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска на панелот за Јавни и приватни и инвестиции и конкурентост, на Првата годишна конференција на тема: „Економско заздравување и раст по Ковид“ во рамки на „Економски и финансиски форум“, која се одржа вчера и денеска.
- Како може приватниот сектор да биде повеќе вклучен во зголемување на инвестициите и на кој начин според нашата Комора може да се постигне тоа?
- Инвестициите се клучот за заздравување на македонската економија во периодот на пандемија, но подолгорочно и за остварување на неопходните стапки на раст на БДП од над 5%, со цел да се оствари побрза конвергенција со дел од земјите од ЕУ.
- Добро е што Владата на РСМ најави циклус на нови инвестиции од над 8,2 милијарди евра. Согласно Зелениот договор за земјите од ЕУ и нашата земја се приклучува кон определбите за заштита на животната средина, проекти за зелена економија, енергетска ефикасност, дигитализација и сл. Како и досега, како Комора будно ќе ја следиме реализацијата и ќе настојуваме да ги искористиме сите потенцијали за вклучување на приватните фирми во овие проекти.
- За да може приватниот сектор да ги реализира најавените инвестиции, освен внимателното дизајнирање на мерките за борба против пандемијата, треба да се решат и децениските системски слабости кои влијаат врз конкурентноста на македонската економија: висината на парафискалните давачки, недоволната ефикасност на администрацијата и на централно и на локално ниво, посебно во однос на издавање на одобренија за градба и разни други документи од кои зависи реализацијата на инвестициските проекти, подобрувањето на патната и железничката инфраструктура, како и олеснувањето на протокот на камиони низ границите. Дел од овие предизвици се во тек на решавање, но значајно е посебно во овие тешки услови за фирмите, да се забрзаат овие процеси за да се реализира потенцијалот за приватни инвестиции.
- Многу значаен е факторот на квалитетна работна сила. Последните заеднички активности на Владата на РСМ и СКСМ помогнаа драстично да се зголеми бројот на компаниите кои партиципираат во дуалното образование, на 211 компанија, што е чекор во вистинска насока. Следната фаза на развој на македонската економија ќе зависи од квалитетот на работната сила и затоа е важно да се зголеми бројот и посебно квалитетот на работниците и техничкиот кадар како за домашните фирми, така и за странските инвеститори. Затоа СКСМ ќе продолжи и понатаму суштински да придонесува за развојот на дуалното образование во РС Македонија.
- Неопходно ќе биде во наредниот период континуирано да се преземаат активности кои ќе се фокусираат на поддршка на инвестициите и конкурентноста на домашните компании. Клучни активности во оваа насока се и:
- даночниот систем преку даночната политика да обезбеди ниско ниво на даноци;
- ревидирање на царинската политика, низ призма на заштитната и развојната функција, со цел зголемување на конкурентноста на домашните компании;
- целосна функционалност и поддршка од администрацијата и намалување на бирократските процедури;
- интензивирање на изведување на јавните работи и ефикасна и непречена реализација на проектите во иднина;
- навремено сервисирање на обврските кон компаниите од страна на државата, општините и јавните претпријатија.
- Дали сакаат и дали можат компаниите да инвестираат во услови на работење предизвикано од пандемијата?
- Одговорот на овие прашања е потврден. И тоа не е базирано на лично мислење, туку на спроведената Анкета за планираните инвестиции на компаниите-членки на СКСМ во август оваа година. Во периодот 30 јули до 25 август 2021 год., Стопанската Комора ја спроведе втората анкета помеѓу своето членство на тема: “Инвестиции на компаниите членки на СКСМ во следните 12 месеци (септември 2021-август 2022 година)”.
- Во анкетата учество земаа 200 (микро, мали средни и големи) компании. 65% од нив беа во доминантно домашна сопственост, додека 35% од нив беа во доминантно странска сопственост и истите беа од повеќе сектори како што се градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите, земјоделство и прехранбена индустрија, финансиски организации и информатичко-комуникациски технологии. Повеќето од нив односно 73% се компании кои работат повеќе од 10 години. Од 200 компании, на 56% од анкетираните компании активностите им се насочени и дома и во странство, на 31% активностите им се насочени само во Македонија, а на 13% им се насочени во странство.
- Во периодот септември 2021-август 2022 година, 94% од компаниите кои одговориле на анкетата, планираат инвестиции. Вкупниот планиран износ на инвестиции на овие компании изнесува 600 милиони евра. Според видот на инвестициите, најголем број од анкетираните компании планираат инвестиции во машини и опрема (35%), во информациско-комуникациска технологија и опрема и софтвер (25%), истражување и развој (15%), згради и земјиште (15%), додека 10% од компаниите планираат инвестиции во други капитални инвестиции.
- Во однос на 2019 година, како последна споредбена година пред ковид пандемијата, 75% од компаниите се изјасниле дека планираните инвестиции во следните 12 месеци се повисоки. 37,5% од компаниите изјавиле дека зголемувањето во однос на 2019 ќе биде повеќе од 51%.
- Реализацијата на планираните инвестиции најмногу ќе придонесе за следниве ефекти: зголемен промет (79,%), зголемена добивка (75%), отворање на нови работни места (73%), зголемено производство (69%) и зголемување на извозот (52%).
- Најголем број на компании (63%) се изјасниле дека сложената и неефикасно применувана регулатива и високите трошоци (парафискални давачки, дозволи и слично) се најголеми ограничувачки фактори за реализација на планираните инвестиции.
Постои побарувачка за инвестиции од страна на фирмите во Р. Северна Македонија, што е првиот важен услов за инвестирање. Но, за да се реализираат овие инвестиции, освен определбата на компаниите, потребно е и другите чинители да го поддржат овој процес: Владата, ЕУ, финансиските институции, администрацијата итн.
Кога станува збор за регионот, значајно е да се реализира најавеното создавање на регионален пазар за привлекување на инвестиции во рамките на “Отворен Балкан”. Здружувањето на Македонија, Србија и Албанија, а зошто не и на други земји подоцна, и создавањето на единствена платформа за привлекување на инвестиции, ќе го зголеми интересот на странските фирми заради поголемиот пазар и понудата на работна сила, но и ќе ја елиминира меѓусебната конкуренција која постои и во одредени случаи предизвикува плаќање на прекумерни субвенции за да се привлече одредена инвестиција. Иницијативите за намалување на парафискалните и скриените давачки при преносот на стоки преку граница е исто така од големо значење за конкурентноста на трите инволвирани економии.
За подобрување на конкурентноста на економијата, главниот импулс за економски раст мора да произлезе од приватниот сектор, затоа што тој може да создаде економска благосостојба и нови работни места на долг рок. Сепак, стабилното макроекономско окружување е значајно, со цел да се одржи довербата на инвеститорите и претприемачите. Инвестирањето и развојот на претпријатијата, поддржан со финансиски средства соодветни на нивните потреби мора да биде поддржано од институциите, согласно објективните пазарни критериуми и ефикасно дејствување на правдата.
- Боинг укинува 17.000 работни места и ја одложува испораката на 777X - 13/10/2024
- Неделков: Колективните договори ќе се потпишат најдоцна до 20 февруари, платите кумулативно ќе се зголемат за околу 50 % - 12/10/2024
- Мицкоски: Платите на наставниците и професорите се зголемуваат за 5 проценти со октомвриската плата, до крајот на мандатот ќе пораснат за 46 проценти - 12/10/2024