Новости

„Потребно е приближување на македонскиот образовен систем до тој во САД“

   Време за читање 3 минути

На мое лично задоволство, денеска со Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, Г-динот Јаким Неделков остваривме средба со претставниците на Solidarity Center, најголемата американска организација за заштита на работничките права во САД и со претставници на Американската Федерација на наставници, односно втората по ред американска синдикална организација на наставниците, рече Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири по завршувањето на средбата.

Тој се заблагодари за посетата и посочи дека средбата е од голема корист за држава во развој која се стреми да го забрза тој процес преку континуирано унапредување на стандардите и состојбите во сите сфери, вклучително да ги унапреди и работничките права и тоа особено во областа на образованието.

„Гостите ги информирав за реформите кои ги правиме во образованието а кои имаат за цел да ја зголемат мотивацијата за работа и дигнитетот кај наставниците, но и на стручниот кадар во училиштата. Драго ми е што заедно со Претседателот на СОНК потврдивме дека имаме исти цели и дека сме социјални партнери кои се залагаат за поквалитетно образование, за подобрување на условите за настава, а со тоа и за работата на наставниот кадар. Потврдивме дека се залагаме за повисоки плати, за можности за професионален и кариерен развој и токму во таа насока дискутираме за креирање на нови колективни договори во основното, средното и високото образование кои ќе ги решат прашањата за кои наставната фела има забелешки и со тоа ќе ја зајкнеме најважната алка во воспитно – образовниот процес“, рече Шаќири.

На средбата, како што рече, ги слушнале и искуствата од САД и верува дека тоа што може да се адаптира кај нас, заедно со СОНК за време на преговорите ќе го вметнат во правните рамки и во системот.

Претседателот на СОНК, Јаким Недлков посочи дека задоволството е огромно што денеска имал можност со драгите пријатели до САД, со двајцата потпретседатели на Американската Федерација на учители која брои над 1,400,000 членови, под покровителство на Solidarity Center од Америка, да остварат работна средба со Министерот за образование и наука и да поразговараат за актуелни теми во дејноста образование.

„Разговаравме за системот на образование во САД и соодветна корелација или споредба со системот на образование во Македонија, околу реформските зафати кои МОН ги прави во последно време за приближување на образовниот систем до високо развиените системи на образование, меѓу кои и образованието во САД, како и за наставниот и стручниот кадар којшто работи во образованието. Зборувавме и за нивното напредување во кариерата, зголемување на социјалниот статус на вработените итн.“, рече Неделков.

Тој изрази голема благодарност што Американската Федерација на учители и Solidarity Center даваат огромна поддршка на СОНК, врз основа на нивниот потенцијал што го имаат како синдикат и врз основа на тоа што едукатори од САД доаѓаат во Македонија за да им помогнат како синдикат да прераснат во најдобриот синдикат на Балканот и пошироко.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера