Потрошувачката на бензините лани пораснала за 8,34 проценти
Потрошувачката на бензините во земјава во текот на 2025 година е зголемена за 8,34 проценти во споредба со 2024 година, покажуваат податоците од Годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).
Според извештајот, раст на потрошувачката е регистриран и кај дизелот за 5,17 проценти, кај екстра лесното масло за 2,23 проценти, како и кај течниот нафтен гас (ТНГ) за 3,55 проценти. Од друга страна, пад има кај млазното гориво за 53,29 проценти, мазутот за 1,12 проценти и биодизелот за 2,52 проценти.
Продажбата на нафтени деривати на домашниот пазар во 2025 година е зголемена за 4,88 проценти. Во структурата на вкупната потрошувачка најголем удел има дизел горивото со 74,16 проценти, по што следуваат безоловните бензини со 11,74 проценти, мазутот со 6,61 процент и течниот нафтен гас со 5,22 проценти.
Податоците на РКЕ покажуваат дека речиси 87 проценти од нафтените деривати во текот на минатата година биле увезени од Грција, над 9 проценти од Бугарија, 2,07 проценти од Албанија и 1,45 проценти од Србија.
Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, изјави дека во 2025 година било завршено повторното лиценцирање на големите нафтени компании.
„Во 2025 година го завршивме повторното лиценцирање на големите нафтени компании, што во пракса значи дека во следните 10 години се обезбедени предуслови за непречено снабдување со нафтени деривати“, изјави Ристов.
Во делот за природниот гас, РКЕ наведува дека потрошувачката останала стабилна. Најголеми потрошувачи и натаму се ТЕ-ТО и трите топлани со удел од 85 проценти, индустриските потрошувачи учествуваат со 13 проценти, додека потрошувачите приклучени на дистрибутивните системи имаат удел од 2 проценти.
Во текот на минатата година осум трговци вршеле увоз на природен гас, што според РКЕ претставува зголемување на конкурентноста на пазарот.
Во извештајот се наведува и дека „Енерџи Еколинк“ АД Скопје, поранешна Топлана Скопје Север, во 2025 година добила две лиценци – за производство и за снабдување со топлинска енергија.

