Повторно околу еден час претпладнево се собраа на крстосницата на булеварите „Маршал Тито“ и „Видое Смилевски-Бато“ и го блокираа сообраќајот.

– Нашето барање е исто, линеарно зголемување од 5000 денари и минимална пензија да биде 20 000 денари. Да се добие подостоинствен живот на пензионерите кои се запоставени. Прв пат по осамостојување на државата пензионерите излегуваат на протести, после 32 години. Многу се ниски пензиите и преку протестите да треба да ги добијат правата. Работна група која работа на создавање на услови и разгледување на барањата нема уште резултати, до крај на месецот ќе излезат со став. А од социјалните мрежи читав премиерот вели дека со закон ќе се регулира со минимална пензија. Линеарно да биде за сите еднакво, изјави Селвер Мемети, претседател на Здружение на пензионери.

Пензионерите велат дека цените на храната се премногу високи и мораат да протестираат за добијат повисоки пензии.

– Министерката, премиерот и претседателот да излезат и да го видат овој народ, да ги видат пензионерите. Пари има нека не нè лажат. Нека седнат, нека ги решат проблемите на пензионерите. Шест отсто е малку, мора да има за сите за да живеат. Во оваа скапотија не се излегува на крај. Ако не, нека ни ја пратат храната тие таму во Собрание што ја јадат, по 30 денари бифтеците…, изјави Летка Мишовска.

Пензионерите најавија дека ќе протестираат и понатаму.