НовостиПравдаСветот на работникот

Превозниците кои работеа за поранешно „Фени“ веројатно ќе останат со „куси ракави“

   Време за читање 1 минута

Околу три милиони евра ќе изгубат осумдесет фирми – превозници кои работеа за поранешен Еуроникел, откако на стечајно рочиште во кавадаречкиот суд имотот на фабриката, како стечајна маса се продаде за само 18 проценти од проценетата вредност.

Доверителите ја прифатија единствената понуда од 1,8 милиони евра, на фирмата Дабл Игл, за која превозниците тврдат дека е поврзана со турски Јилдирим, компанијата која од Комерцијална банка го откупи уделот кој банката го имаше. Со овие пари првенствено ќе се обештетат вработените и нивните плати, но останатите доверители ќе останат со празни џебови, велат превозниците.

Идната недела превозниците ќе организираат предупредувачки штрајк, кога со своите камиони ќе завртат неколку кругови околу кавадаречките улици. Велат дека историјата им се повторува, оти во слична ситуација беа и пред шест години, кога на поранешно ФЕНИ му се случи истото. Тогаш со недели блокираа патишта, барајќи ги парите од газдите кои пред Еуроникел стопанисуваа со фабриката.

Во меѓувреме, имињата на оние кои ја пропаднаа фабриката, сега се појавуваат и како доверители. Најголем од нив е фирмата Американо Никел, чиј директор е Маркос Камхис, истиот човек кој беше на чело на претходниот сопствник на фабриката, бахамската компанија Џи Сол. Кога тој го купуваше поранешно ФЕНИ преку стечајна постапка, ветуваше светла иднина за фабриката. По само пет години работа, ненајавено ја напушти, оставајќи милиониски долгови кон многу компании.

Извор: ТВ 24