Светот на работникот

Еве што да одговорите ако на разговор за работа ве прашаат: „Која е вашата најголема слабост?“

„Јас сум перфекционист“ некогаш важел за безбеден одговор на едно од најнепријатните прашања на разговор за работа. Денес тоа е еден од најбрзите рути до генерички одговор. Регрутерите не бараат идеална слабост – туку доказ дека кандидатот знае каде запнува и што прави кога ќе се случи тоа.

Постојат малку прашања на разговор за работа кои кандидатите повеќе ги мрзат од: „Која е вашата најголема слабост?“

Делува како стапица. Ако кажете нешто навистина лошо, можеби всушност сте им објасниле зошто не би требало да ве вработат. Ако кажете „премногу сум посветен на работата“, звучите како одговорот да сте го научиле напамет.

И всушност тука е поентата.

Според советите на регрутерите и експертите за кариера, прашањето во главно не се постставува за кандидатот да признае некоја професионална катастрофа. Тоа треба да ги покаже самосвеста, способноста за прифаќање на повратни информации и подготвеност нешто да се промени.

Со други зборови, не се бара совршен одговор. Се бара лице кое се знае себеси.

Немојте да речете дека сте перфекционист

„Мојата најголема слабост е перфекционизмот“ толку често се користи што станал клише одговор на интервју за работа. Истото важи и за „премногу работам“, „премногу сум одговорен“ или „тешко ми е да кажам не“.

Проблемот не е само во тоа што одговорите се предвидливи. Проблемот е што слабоста ја претвораат во прикриена пофалба.

На искусен регрутер тоа може да му звучи како обид да се заобиколи прашањето, а не како искрен одговор. Затоа експертите советуваат да се изберат реални, но поправливи слабости кои не се клучни за работата за која конкурирате.

На пример:

„Понекогаш предолго ги проверувам деталите пред да ја испратам задачата.“

Тоа е многу подобро од:

„Јас сум перфекционист.“

Зошто? Затоа што прво го опишува конкретното однесување. А потоа можете да објасните што сте направиме за да го промените.

Формулата е едноставна: слабост + последица + промена

Добриот одговор може да биде во неколку реченици.

Прво наведете една работа на која работите. Потоа кратко објасните како таа се одразувала на вашата работа. И на крајот најважното: што конкретно сте направиле за тоа да го промените.

На пример:

„Едно нешто на кое работам е делегирање. Претходно често ги преземав задачите оти мислев дека така побрзо ќе ги завршам. Со текот на времето сфатив дека со тоа се забавувам и себе и тимот. Затоа сега порано ги дефинирам одговорностите и го следам напредокот наместо се’ да работам сам.“

Одеднаш одговорот повеќе не е признавање на слабост. Станува мала приказна за професионалниот развој.

Експертите токму овој образец го издвојуваат како најкорисен: вистинска слабост, конкретно влијание и конкретен чекор кон подобрување.

Но немојте да биде ниту премногу искрени

Постои и друга крајност.

Ако конкурирате за работа која изискува прецизно водење на рокови, не е особено мудро да кажете дека најголем проблем ви е доцнењето. Ако работата речиси во потполност е базирана на презентации, „не сакам да зборувам пред луѓето“ може да отвори многу поголем проблем отколку што сте планирале.

Со други зборови, не избирајте слабост која директно удира во клучното барање на позицијата. Тоа не значи дека треба да лажете, туку да размислите кое професионално ограничување е реално, но не е пресудно за работата.

Добриот одговор, исто така, не би требало да трае пет минути.

Не морате пред регрутерот да ја отворите целосната автобиографија на своите мани. Краток, конкретен одговор со јасен пример и начинот на кој работите на себе вообичаено зборува повеќе од долгото оправдување.

Што всушност треба да кажете?

Наместо да ја барате „најдобрата слабост“, поставете си ги себеси овие три прашања:

Што некој на работа ми има кажано дека треба да поправам?

Кога таа особина или навика ми направила проблем?

Што денес правам поинаку поради тоа?

Одговорот веројатно веќе е тука.

Тоа може да биде делегирање, премногу време потрошено на детали, избегнување на прерано барање на повратни информации, несигурност во јавен настап, проблем со одредување на приоритетите или нешто друго што е навистина ваше. Важно е да можете да покажете дека тоа сте го препознале и дека не сте останале на констатацијата.

На пример:

„Претходно имав проблем да побарам помош доволно рано. Мислев дека е подобро прво сам да пробам да го решам прблемот. Сфатив дека тоа понекогаш само ги одлага решенијата, па сега, кога гледам дека сум запнал, ги вклучувам колегите.“

Тоа е многу поуверливо од „мојата слабост е што премногу се грижам за работата“.

А што ако речат: „Добро, која е вашата најголема слабост?“

Немојте да се обидувате да бидете шеговити. Немојте да речете дека вашата најголема слабост е чоколадото. И немојте да одговарате „немам слабости“.

Подобар одговор е оној кој покажува дека сте доволно самоуверени да признаете дека имате простор за напредување, но доволно одговорни веќе нешто да преземате.

Оти можеби тоа е всушност скриеното прашање зад овој стар интервјуерски класик:

Дали се познавате себеси доволно добро да знаете што треба да поправите – и доволно сте зрели тоа навистина да се обидете да го направите.

И тука „најголемата слабост“ престанува да биде стапица. Станува прашање за тоа како учите да бидете подобри во својата работа.

Извор: BIZLife.rs