Вести

Зошто идејата од која најмногу се плашите е токму онаа која треба да ја споделите

Чарлс Дарвин две децении ја чувал идејата која подоцна ќе стане едно од најважните објаснувања за развојот на животот. Не чекал затоа што не бил сигурен во она што го открил. Чекал бидејќи многу добро знаел што би можело да се случи кога тоа ќе го изговори на глас.

Слично прават и луѓето во бизнисот. Само што наместо теорија за еволуција често чуваат идеја за нов производ, промена на деловниот модел, гасење на непрофитабилен проект или одлука која веќе долго знаат дека треба да ја донесат.

Проблемот често не е во тоа што идејата не е подготвена. Проблемот е во тоа што е. Во 1838 година, Дарвин веќе ја имал основата за теоријата на природна селекција. Имал белешки, докази и заклучоци до кои дошол патувајќи на бродот HMS Beagle. Знаел што мисли. Но не објавил.

Во текот на наредните дваесет години ја усовршувал теоријата, ги запишувал аргументите и разговарал со мал круг на луѓе на кои им верувал. Во меѓувреме станувало се’ појасно што објавувањето на таквата идеја би можело да значи за неговиот углед, односите со колегите и положбата во научната заедница. Дарвин не го потценувал ризикот. Напротив, точно го видел и токму затоа и чекал.

Кога проблемот не е идејата, туку цената која ја носи

Приказната на Дарвин има интересна деловна паралела. Претприемачот може со месеци да размислува за затворање на проектот кој губи пари. Директорот може да знае дека одреден производ повеќе нема иднина. Основачот може да биде свесен дека е време за промена на деловниот модел.

Но постои разлика помеѓу тоа нешто да знаете и да сте подготвени тоа да го кажете на глас. Бидејќи кога ќе изговорите: „Ова не функционира“, повеќе не можете да се правите дека се’ уште истражувате.

Еден претприемач од приказната на авторот на текстот имал производствена единица која со месеци правела поголема загуба од остатокот од работењето. Во своите белешки веќе ја нарекол „бел слон“. Знаел дека треба да се затвори, но затворањето не значело само финансиска одлука.

Значело признавање дека нешто во што со години вложувал не успеало. Затоа одлуката останала да чека. Уште еден месец. Па уште еден.

Дури кога на глас изговорил: „Ја затвораме“, одлуката останала реалност. Затворањето започнало неколку недели подоцна, а два месеци потоа компанијата го забележала првиот профитабилен месец во кварталот.

Понекогаш најтешкиот дел од деловната одлука е токму оној момент кога престануваме да ја нарекуваме „опција“.

Најмногу одлагаат оние кои најдборо ги разбираат последиците

Интересно е што одлагањето често не се случува затоа што некој нема доволно самодоверба. Понекогаш е токму спротивното. Луѓето кои добро ја познаваат својата работа умеат да ги предвидат последиците. Знаат што ќе речат клиентите. Кој ќе се побуни. Кој ќе праша зошто се менува нешто што со години функционирало. Знаат како ќе изгледа кога нивниот потег нема да успее.

Основачот кој десет години градел репутација во една индустрија многу лесно може да замисли што ќе се случи кога ќе се направи голем пресврт. Директорот кој го познава својот борд ќе го знае однапред речиси секое прашање кое ќе го добие.

И така настанува стапицата: истата способност која ви помага добро да го процените ризикот може да ве натера бесконечно долго да го избегнувате. Дарвин имал што да изгуби. Имал репутација на внимателен и дисциплиниран научник. Неговото опкружување не било подготвено лесно да го прифати она што го тврдел. Но цената на чекање, исто така, постои. Само е помалку видлива.

Понекогаш чекаме околностите да не натераат

Дарвин конечно добил причина поради која повеќе не можел да чека. Во 1858 година добил писмо од натуралистот Алфред Расел Волас. Волас независно дошол до многу слична теорија и бил подготвен да ја објави. Одеднаш повеќе немало простор за уште десет години белешки. Дарвин морал да одлучи.

И тоа е нешто што често се случува и во бизнисот. Компанијата конечно ќе го промени производот кога конкуренцијата ќе лансира нешто подобро. Претприемачот ќе го затвори непрофитабилниот проект кога парите ќе станат проблем. Компанијата ќе ја промени стратегијата дури кога пазарот ќе се промени доволно за стариот модел повеќе да не функционира. Со други зборови, чекаме околностите да ја донесат одлуката наместо нас, а тогаш повеќе не го бираме моментот.

Едно прашање кое вреди да си го поставиме

Наместо прашањето: „Дали да му верувам на својот инстинкт?“, покорисно е да се постави едно многу поконкретно: „Што всушност штитам со тоа што чекам?“

Ако одговорот е: „Идејата се’ уште не е доволно добра“, тогаш чекањето има смисла. Доработете ја. Тестирајте ја. Прашајте ги луѓето на кои им верувате. Променете го она што не функционира. Но ако одговорот е: „Идејата е подготвена, само се плашам како луѓето ќе реагираат“, тогаш проблемот повеќе не е идејата. Проблемот е цената која сте подготвени да ја платите за нејзиното изговарање.

Можеби ја штитите репутацијата. Односите со клиентите. Позицијата во компанијата. Парите кои веќе сте ги вложиле. Или сликата за себе како лице кое носи добри одлуки. Се’ се тоа реални работи. Но постои и друга цена: што ќе се случи ако поради штитењето на сето тоа никогаш не проверите што таа идеја би можела да направи?

Дајте и’ датум на идејата

Еден од наједноставните начини да го прекинете бесконечното одлагање е на одлуката да и’ дадете датум.

Не „наскоро“.

Не „кога ќе биде вистинскиот момент“.

Не „после уште малку истражување“.

Датум.

Изберете ги идејата, одлуката или ставот кој најдолго го држите во себе и одредете кога ќе излезе од главата и ќе стане вистински. Можеби ќе го промените производот. Можеби ќе го затворите проектот кој повеќе нема смисла. Можеби ќе предложите нешто што на вашиот тим нема да му се допадне. Можеби едноставно ќе го кажете она што веќе долго сте го мислеле. Реакцијата можеби нема да биде пријатна. Но тоа не е исто што и катастрофа. Дарвин чекал 20 години оти совршено добро разбирал што може да изгуби.

На крајот токму идејата која се плашел да ја објави станала дел од неговото најголемо наследство. Можеби затоа најважното прашање не е: „Дали оваа идеја е доволно добра?“ Туку: „Дали чекам затоа што идејата не е подготвена или затоа што не сум подготвен да дознаам што ќе се случи кога другите ќе ја видат?“

Извор: BIZLife.rs