Светот на работникот

Подготвен да работи за 1 долар: Директорот кој отпушти 900 вработени преку Zoom сега бара да го вратат на работа

Вишал Гарг, поранешниот извршен директор на компанијата „Better“, кој во 2021 година отпушти околу 900 вработени преку видео повик на Zoom, сега бара да биде вратен на функцијата.

Гарг тврди дека компанијата ја довел на чекор до профитабилност, но на 3 август годинава беше отстранет од функцијата извршен директор и заменет со Даниел Луис.

Тврди дека бил измамен

Гарг се сомнева дека Луис уште од почетокот ја посакувал неговата позиција и дека со пофалби за компанијата успеал да ја стекне довербата на Гарг и на управниот одбор.

По неговото отстранување, Гарг започна кампања за враќање на функцијата, со поддршка на дел од акционерите и својот правен тим. Тој тврди дека неговата визија за иднината на „Better“ сè уште има голем потенцијал.

Подготвен да работи за еден долар

Во обид да покаже дека неговата цел е повторно да ја направи компанијата профитабилна, Гарг понудил да се врати на функцијата извршен директор и да работи за само еден долар годишно додека „Better“ не оствари профит.

Откако компанијата повторно ќе стане профитабилна, тој вели дека би се повлекол од функцијата.

Гарг, кој ја основал „Better“, во 2021 година стана познат ширум светот откако на краток Zoom повик им соопшти на околу 900 вработени дека се отпуштени. Начинот на кој беше спроведено отпуштањето предизвика големи критики, а Гарг подоцна се извини за своето постапување.

Сега, речиси пет години подоцна, човекот кој тогаш на стотици вработени им соопшти дека остануваат без работа, самиот се бори да си ја врати својата позиција.

Според последните информации, неговото барање е дел од пошироката борба за контрола врз компанијата, во која се вклучени и акционери и членови на управниот одбор.

Извор: Blic