Пред очи, а сепак невидливи
Со подадена рака кон пешаците, детето седеше тажно на тротоарот. За нив, тоа како да не постоеше. Децата кои просат, но и оние кои се сексуално експлоатирани и кои работат опасни работи се невидливи за македонското општество.
Најмногу погодени се Ромите
Споделувајќи ги своите резултати, од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје посочија дека според нивните истражувања, уделот на децата во детскиот труд во целата земја изнесува 3 %. Поголемиот дел од децата се од рурални средини, сиромашни семејства и од ромска националност.
„Треба да се потенцира дека процентот на деца кои се вклучени во економски активности или домашни обврски или кои работат во опасни работни услови изнесува 4,9 % во државата и 6.1 % во населените места каде што живеат Роми“, рекоа од УНИЦЕФ, додавајќи дека поради недостатокот на податоци и нерегистрираниот детски труд, бројките можат да будат значајно поголеми.
Според податоци од Народниот Правобранител, кои Канцеларијата на УНИЦЕФ ги сподели со нас, 328 од 337 деца – питачи, т.е. 97 % од децата кои биле на улица во 2018 година се од ромска националност од сите возрасни групи, вклучувајќи и бебиња (72 % машки; 38 % женски).
Другите најлоши форми на детски труд, поради нивната често прикриена природа, не се опфатени со стандардизираните податоци, објаснија од УНИЦЕФ. „Тука влегуваат присилното питачење, комерцијалната сексуална експлоатација и трговијата со луѓе.“
Детскиот труд, истакнаа, е раширен социјален феномен во големите градови во Македонија и станува дефиниричка одлика во државата. Питачењето на улица тешко ги погодува децата. Често, тие немаат пристап до образование и здравствена заштита, се нерегистрирани и се изложени на разни форми на насилство. Сето ова ги прави да бидат најранливата група во општеството.
Која е оценката на УНИЦЕФ за преземените мерки од страна на државата?
Според Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, Македонија редовно поднесува извештаи до Комитетот за правата на детето, и иако има постигнато напредок, државата треба да имплементира дополнителни мерки за да го намали овој проблем.
„Во сферата на детскиот труд, Комитетот истакна дека државата треба да се справи со истиот, посебно во неформалниот сектор вклучувајќи ја експлоатацијата на децата за питачење, особено меѓу децата кои се дел од најсиромашниот квинтил на популацијата и да воспостави тренинг за трудовите инспектори.“
Инаку, кога сме кај Државниот инспекторат за труд, според неговите податоците во 2022 и 2023 се откриени пет случаи на малолетници кои работеле. „Во овие случаи, не постои присилен труд, туку волонтерска работа за одредена плата“, рекоа од ДИТ.
За УНИЦЕФ загрижувачки е тоа што минималните години за работа (15) се под возраста за завршување на задолжителното образование (18), што ги охрабрува децата да го напуштаат училиштето пред да го завршат образованието.
Државата, исто така, мора да се справи и со сиромаштијата, која е главен двигател на детскиот труд. Негативните ефекти од пандемијата со Ковид -19 заедно со енергетската криза и инфлацијата значително го влошија овој феномен.
Мислењето на домашните организации
Од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ велат дека тие со години ја креваат свеста за злоупотребата на детскиот труд во Македонија. И покрај тоа, ситуацијата не се менува на подобро, особено во време на летниот период кога жртвите мигрираат во туристичките дестинации за да заработат повеќе пари.
„Многу држави во светот преземаат значајни чекори за да го намалат детскиот труд, но во последните неколку година, ситуацијата се влошува. Ова е знак дека потребен е обединет труд за да се забрзаат активностите за справување со детскиот труд и сите негови форми“, велат од таму.
Според Агендата на Обединетите Нации за одржлив развој, земјите членки се обврзани да преземат итни и ефективни мерки за да стават крај на присилниот труд, разните форми на ропство и трговија со луѓе и да ги елиминираат најлошите форми на детски труд вклучително и регрутирањето на деца војници. Македонија е една од потписничките.
Од „Меѓаши“ посочија дека државата треба да изгради повеќе градинки, да го зголеми економскиот стандард и да воведе построги казни за виновниците, доколку сака да работи на елиминирање на детскиот труд.
Македонија ја има усвоено и ратификувано Конвенцијата за елиминирање на најлошите форми на детски труд на Меѓународната организација на трудот. Сепак, фактите покажуваат дека е далеку од нејзино вистинско имплементирање во пракса.
Во краток разговор со претставниците на МОТ во Македонија, кои одбија да зборуваат официјално, ни беше потврдено дека податоците со кои располагаат надлежните институции за детскиот труд се недоволни. Од Министерството за социјална политика, демографија и млади пак, го демантираат ова, велејќи дека тие редовно испраќаат извештаи до организацијата.
Според МОТ, 160 милиони деца во светот се изложени на присилен детски труд.