„РАБОТНОТО МЕСТО Е МИНСКО ПОЛЕ“: 22 работници починале на работните места минатата година
Бобан Илијевски
Иако податоците на надлежните институции велат дека нема несреќи на работните места, Македонското здружение за заштита при работа брои дури дваест и двајца загинати на работните места. Ова самото по себе не става во високо ризични земји, коишто, ако ги споредиме со европските каде што просекот е 2,11 починати на 100,000 работници, кај нас тој број е некаде 3,17, истакна Милан Петковски од ова здружение на денешната прес – конференција по повод 28-ми април – Светски ден на безбедност и здравје при работа, додавајќи дека многу се големи шансите да се повредиме и да загинеме на работното место.
– Поттикнати од тоа што официјалните институции не објавуваат извештаи, ние ова го правиме од 2008. во континуитет и можам да забележам дека и понатаму останува трендот на неанализирање и неевидентирање. Едноставно стануваме слепи за буквално минското поле кое постои во Македонија, а тоа е работното место, рече Петковски.
Сето ова, посочи тој, ги поттикнува на овој симболичен ден на симболичен начин овие дваесет и двајца кои загинале на работните места да ги означиме преку садење на 22 садници – традиција која ја практикуваме во последните пет години, каде што токму на ова место (паркот во Ново Лисиче), ќе забележите, многу од дрвцата се посадени од нас.
– Самиот ден, 28 април нема за цел да се слави, туку има за цел да се одбележи она што се случува на оние кои се безгласни а тоа генерално се работниците кои најчесто гинат на своите работни места, рече Петковски.
Тој истакна дека оваа година Меѓунардната организација на труд ја дефинирала сферата на безбедноста и здравјето при работа, како основно човеково право и додаде дека сакаат да биде основно право на секој работник во Македонија, не само поради тоа што законот тоа го налага, туку затоа што тоа е човечен пристап.
Потребно е, вели Петковски, да се воведе и одржува превентивната култура на работните места, за да се спречуваат несреќи при работа.
Антон Лепиг, од Пан-европскиот Регионален совет при Светската конфедерација на синдикати изјави дека денеска е тука со колеги од јужноевропските држави за да дискутираат и да најдат начин да ја подобрат имплементацијата на меѓународните трудови стандарди во сферата на безбедноста и здравјето при работа.
– Денеска, 28 април е глобалниот ден кога синдикатите ширум светот им даваат почест на жртвите од несреќите при работа, но и жртвите на професионалните заболувања. Слушнав дека во Македонија дваест и двајца работници починале како последица на несреќите при работа. Официјалната статистика вели дека ширум светот, повеќе од 3 милиони работници починале на работните места, додека повеќе од 10 милиони починале како последица на професионални заболувања. Поради тоа, многу е важно меѓународно прифатените стандарди за безбедност и здравје при работа да се применуваат насекаде, рече Лепиг.
Заедно со нивните колеги од синдикатите од Македонија и Меѓународната организација на трудот, посочи Лепиг, работат на тоа да се подобри состојбата во државата. Според него, потребно е да се зајкне улогата на преставниците за заштита при работа во компаниите, но и стандардите од оваа област да се почитуваат од страна на работодавачите.
– Исто така, потребно е да се прави проценка на ризикот и на национално ниво, со цел да се оцени влијанието од самите работи кои ги извршуваат работниците и да има постојан надзор од страна на инспекторатот за труд за да се откријат сите недостоци на работните места. Секој работник има право да работи во безбедни и здрави работни услови за да дома се врати здрав и жив, истакна Лепиг.
Претставникот на МОТ, Александрија Гоча посочи дека дошол тука за да учествува на дводневен семинар на синдикатите од Западен Балкан кои се однесуваат на безбедноста и здравјето при работа. Додаде дека секој работник има право на здраво и безбедно работно место и поради тоа мораат да се почитуваат сите трудови стандарди.




