- Advertisement -
ПравдаСветот на работникот

Претседателката на МНК ИКОМ им го честита 18 мај на сите музејски работници

Претседателката на МНК ИКОМ - Работник
194views

Почитувани колеги, соработници и пријатели,

Вообичаено ми претставува особена гордост и задоволство годишното честитање на 18 Мај – Меѓународниот ден на музеите. 2020 година ја започнавме со надежи за реализација на амбициозни локални и меѓународни проекти на Здружението Македонски национален комитет при Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ), како дел од Меѓународниот совет на музеите ICOM над две и пол децении и со бројка од речиси 250 членови. Но, согласно неочекуваните изменети услови на функционирањето на светот и животот во услови на пандемија изминативе месеци, се сменија условите на функционирање на музеите и меѓународната музејска заедница и привремено се ставени во состојба на условна „пауза“. Честитката за овој, за нас најзначаен ден, оваа година ми е особено горчлива затоа што за прв пат на неодредено време мораме да ги одложиме традиционалните советувања, средби, промоции, награди на музејските работници кои изминативе години се повеќе предизвикуваат интерес за присуство, и стануваат енергетско средиште за размена на секојдневните искуства и поттик за надминување на тековните професионални музејски проблеми.

Advertisement
Сепак, и во вакви услови на изменето функционирање, доаѓа до израз основната мисија и значење на музеите како места во кои се собира, чува, заштитува и презентира културното наследство и уметноста. Во состојба на изолација, страв и неизвесност, пак, се потенцира улогата на музеите како генератори на поврзаноста помеѓу луѓето и нивната колективна локална/регионална/меѓународна припадност преку културата и уметноста. Така, активностите на музеите од „паузирани“ станаа дигитално проактивни, а работата на музејските професионалци стана поинаква. Различната работа насочена кон осмислување на нови инвентивни начини за одржување на интересот на јавноста во период на затвореност за посети на изложбите и колекциите, од своја страна, стана тло за отворање/осознавање на различни преспективи на дигиталното функционирање на креативните платформи за интерактивна комуникација.
Иако музеите постепено ги отвораат своите врати, се уште со сигурност не се знае кога целосно ќе се нормализираат активностите во однос на физичката комуникација со публиката и колку видоизменето ќе биде отвореното и слободно функционирање. Како основна задача на музеите им останува одговорноста за заштитата на културното наследство и културата, преку почитување на сите препорачани мерки за безбедност и заштита на здравјето и животот на публиката, и особено за заштита на музејските професионалци како носители на целата дејност.
Парадоксално, годинешната тема на Меѓународниот ден на музеите „Музеи за еднаквост: разновидност и инклузија“, со основна намера да го согледа потенцијалот на музеите како општествени точки на зближување и креативна едукација за различностите преку изложби, конференции, образовни програми и креирани иницијативи, отвори сосема неочекувани димензии и предизвици за различно толкување на инклузијата. Иако темата содржи многу аспекти за толкување, поверојатно е дека основната инклузија наредниов период ќе биде токму споменатото враќање на посетителите во музеите. Во меѓувреме, до целосното отворање за физичкото присуство, ги повикуваме музеите кај нас уште поактивно да се вклучат во одбележувањето не само на овој ден, туку на цела 2020 година според дадената тема, преку on line реализација на своите активности на социјалните мрежи на своите институции и на МНК ИКОМ.

Со надеж дека сите свесно и одговорно ќе придонесеме до што поскоро завршување на состојбата на пандемија, ви посакувам уште многу години истрајно и професионално вложување во дејноста, успешна и прогресивна работа и сила за неуморно справување со секаков вид неочекувани предизвици во музејската професија.

Со почит,

Advertisement

Маја Чанкуловска-Михајловска
претседател на МНК ИКОМ

Advertisement