КолумниНовости

Притиснете на копчето “РЕСТАРТ” ако сакате луѓето да останат да работат овде

   Време за читање 2 минути

Автор: Бобан М. Илијевски

Неодамна еден универзитетски професор за еден медиум изјави дека сега луѓето не би останале во Македонија ни за поголема плата.

Јас на ова гледам од два аспекти. Прво, ако работодавачите се одважат и на работниците им овозможат поголеми плати кои би биле доволни да имаат пристоен живот, не би било фер тие да заминат. Сепак, тоа е поединечно и лично право.

Второ, се согласувам со професорот, бидејќи на луѓето им е дојдено преку глава од корупцијата, криминалот, крадењето државни пари, непотизмот, кронизмот нефункционалните институции, загадениот воздух, префрлувањето на ингеренциите итн. Сите овие девијации им ги отежнуваат животите, а кој сака да живее на таков начин? Никој. Така што, за да се задржат луѓето во Македонија, особено оние интелектуални квалификувани кадри, треба да се направи целосен ресет на системот, зашто луѓето веќе губат трпение.

Во овој контекст би сакал да ги ставам и организациите на работодавачи и бизнис здруженијата, но и синдикатите и граѓанските организации. Сите тие мораат упорно да инсистираат да се ресетира системот и да стане функционален. Особено гласни треба да бидат работодавачите, кои поради нефункционалноста на државата, ја губат постоечката и потенцијалната работна сила.

Од политика, колку и да се трудиш, не можеш да избегаш оти е присутна насекаде, па го тангира и приватниот сектор.

Системот мора да се ресетира пред да влеземе во ЕУ, без разлика кога и да се случи тоа, оти ако влеземе со распаднат систем и делумно спроведување на политики, приватниот сектор ќе настрада најмногу од сите. Работниците кои не можат сега да заминат, тогаш значително ќе им се олесни пристапот до европските земји и својот труд ќе го продаваат во друга држава, каде што системот е функционален.

Поради сето ова, неопходно е сите чинители во општеството да вршат притисок да започнат да се прават вистински промени.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *