- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Промовирани нови еколошки автобуси за превоз на работниците од „РЕК Битола“

Промовирани нови еколошки автобуси - Работник
208views

Претседателот на Владата Зоран Заев и генералниот директор на АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) Васко Ковачевски, денеска, промовираa шест нови еко-автобуси на природен гас-метан наменети за превоз на работниците на „РЕК Битола“.

Инвестицијата вредна 1,4 милиони евра е финансирана со сопствени средства на АД „ЕСМ“ и претставува реализирање на определба опфатена во програмата на Владата.

„Набавката на новите автобуси на природен гас е исполнување на ветувањето на Владата и „ЕСМ“ за подобрување на условите за работа  во комбинатот, за намалување на трошоците за работа и заштита на животната средина“,  нагласи премиерот Заев на настанот.

 Беше констатирано и дека со набавката на новите, еколошки автобуси се зголемува безбедноста и квалитетот на превозот на работниците од РЕК Битола кои работат во исклучително тешки услови. Од еколошки аспект, автобусите кои до сега ги превезуваа работниците не ги исполнуваат ниту минималните еколошки стандард за разлика од новите, еколошки превозни средства.
 
Што се однесува до „РЕК Битола“, на денешниот настан беше посочено дека во изминатите три години направени се капитални ремонти на секој од трите блока на Термоелектраната. Почнувајќи од 2018 година со Блок 1, продолжувајќи во 2019 година со Блок 2 и завршувајќи годинава со капитален ремонт на Блок 3, АД „ЕСМ“ и „РЕК Битола“ ги направија неопходните зафати со цел зголемување на ефикасноста на постројките.
 
„Со овие зафати покажуваме дека нашите заложби за чиста животна средина и намалување на емисијата на гасови, не се само празни ветувања, туку се спроведуваат во пракса. Тоа не беше случај претходно. И покрај конкретните препораки дадени во 2010 и 2011 кога последно се модернизираа Блоковите 2 и 3, ремонтот да се направи, не подоцна од 6 години, Владата тогаш предводена од ВМРО-ДПМНЕ, не го направи тоа. Затоа, капиталните ремонти на трите блока во РЕК Битола беа еден од приоритетите на „ЕСМ“ и „РЕК“ со целосна поддршка од Владата и истите беа изведени согласно претходно наведената динамика“, изјави премиерот Заев.
 
Генералниот директор на „АД ЕСМ“, Васко Ковачевски изрази благодарност кон Владата и претседателот Заев за поддршката при инвестирањето во енергетиката и посветеноста на проектите во енергетскиот сектор.

,,Нашата определба е сите нови инвестиции, во било кој сегмент од „АД ЕСМ“, да бидат во правец на трендовите кои значат определба да живееме и работиме во знакот на зелената боја, а согласно тоа – и да се движиме на зелено. Овие шест еко-автобуси, кои користат природен гас-метан и кои не произведуваат загадувачки издувни гасови, ја покажуваат нашата определба кон извори на енергија, инвестиции, возила, кои  сè помалку ќе загадуваат,  и кои ќе не движат кон  сè  почиста, па и целосно чиста средина во следните години и децении, како поставена цел во светски рамки и тренд кој е веќе трасиран.  АД „ЕСМ“ и вчера помогна на Битола. Со три милиони денари, кои ги заштедивме со неизработка на новогодишен рекламен материјал годинава, обезбедивме довод за кислород во модуларните болници во Битола и во Кичево. И тоа ќе продолжиме да го правиме и во иднина“, рече Ковачевски.
 
На денешната промоција на новите еколошки автобуси беше посочено дека тие, во периодите кога нема да превезуваат работници на „РЕК Битола“, согласно можностите и законската регулатива, ќе бидат ставени на располагање за превоз на ученици, студенти, пензионери, членови на спортски клубови, на здруженија и на невладини организации од општините Битола, Новаци и Могила како општини и населени места кои се најблиску до комбинатот.