Просењето останува една од најчестите форми на присилен детски труд во Македонија

Присилниот детски труд е појава којашто одамна е присутна во Македонија. Доколку излезете на улица, можете да видите голем број на деца кои просат. Во најголем дел, тие се принудени од своите родители да ги испружат рацете и да побараат пари, најчесто за да купат храна.

Сепак, има и деца коишто на многу мала возраст се принудени да работат, во главно во земјоделскиот сектор. Нема точни податоци во кои сектори има најмногу детски труд, а севкупно во државата, според податоците на Меѓународното биро за трудови прашања во 2018 година, 18,8 % од децата на возраст од 5 до 14 години биле жртви на детски труд, најголемиот дел од нив се од ромска националност.

Во Македонија децата подлежат на најлошите форми на детски труд

Меѓународното биро за трудови прашања вели дека во 2020 година, Македонија направила напредок во елиминирањето на најлошите форми на детски труд. Министерството за образование и наука продолжило да вработува медијатори за едукација, со цел да се отстранат пречките за да можат и најранливите категории на граѓани да имаат пристап до образование. Меѓу овие ранливи категории се и децата Роми.

Собранието, вели извештајот, преку интервенции во Законот за работните односи ги зголемило казните за работодавачите кои нема да обезбедат заштита за работниците под 18 години. Министерството за труд и социјална политика развило Акциски план (2020 2022 година) во согласност со Националната стратегија за заштита на децата од сите форми на насилство.

Како и да е, децата во Македонија подлежат под најлошите форми на детски труд, вклучувајќи ги тука присилното просење и присилната проституција, како резултат на трговија со луѓе, се вели во Извештајот.

Според него, законски пропишаната минимална возраст не важи за децата кои се самовработени или кои работат надвор од формалниот начин на вработување. Се додава дека Владата нема усвоено политики во насока на најлошите форми на детски труд.

МТСП: Потребен е мулти-секторски пристап за сузбивање на присилниот детски труд

Од Министерството за труд и социјална политика за порталот Работник велат дека заштитата и постапувањето со деца на улица, кои можат да бидат злоупотребени преку формата просење, е комплексен проблем. Истиот, како што велат, бара мулти-секторски пристап кој почива на темелите на изградена, организирана и стандардизирана вмрежена законска соработка на сите релевантни владини и невладини институции и организации, како и поединци кои директно или индиректно се вклучени во проблемот деца на улица/улични дека, преку мулти – секторска вклученост согласно надлежностите на секоја институција, сектор или поединец.

Овој мулти-секторски приод подразбира: силна соработка помеѓу професионалците која ќе биде базирана на: взаемно почитување, партнерска соработка која води кон иста взаемна цел, размена на информации и процеси, силна и одржлива комуникација, одговорност на секоја одговорна странка, доверба во одговорноста и стручноста на институциите и поединците кои соработуваат, базираност на националните закони и меѓународните документи, велат од МТСП.

МТСП во координација со Министерството за внатрешни работи во изминатиот период презема конкретни чекори за намалување на појавата од просење на децата на улица и нивните родители, велат од МТСП.

Министерството за труд и социјална политика во координација со Министерството за внатрешни работи во изминатиот период преземаат конкретни чекори за намалување на појавата од просење кај децата на улица и нивните родители, кои вршат теренски активности на веќе мапираните критични локации  на територијата на град Скопје, во насока на сузбивање на појавата “деца на улица”, преку превентивни и едукативни активности, истакнаа од МТСП.

Од таму велат дека поради зголемениот број на просјаци, стручниот тим на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи – Скопје во соработка со МВР, имаат изготвено месечни планови за теренските активности на целата територија на град Скопје, каде постапуваат инспектори за малолетници и стручни лица од Центарот за социјални работи, а вклучени се и претставници од здруженија, кои имаат за задача да им ги предочат ризиците од оваа, како што велат, социо – патолошка појава.

За да се подобри состојбата и меѓусебната координација во постапувањето помеѓу институциите и нивните одговорности во однос на децата на улица, велат од МТСП, се наметнала потребата од креирање на мулти – секторски протокол за постапување и упатување на децата на улица.

Министерството за труд и социјална политика во моментот формира Работна група со претставници од надлежните институции и граѓански сектор, за изготвување на ваков документ. Имено, на прво место, овој мулти-секторски протокол е оправдано да постои заради самите деца на кои треба целосно и неодложно да им се помогне. Исто така, овој протокол е оправдано да постои и заради потребата од широка лепеза на постапки и мерки кои ќе им се понудат на стручните лица кои се во допир со целната група и на кои им е потребен унифициран, стандардизиран и единствен начин на постапување со овие деца, посочија од МТСП.

Спооред нив, оправданоста се огледува и во неодложната потреба Македонија да ги усогласи своите активности во социјалната заштита на децата со оние на европските земји, а како уште еден чекор во доближувањето на земјава кон европските текови.

Што вели Законот за работните односи за вработување на деца?

Од Министерството за труд велат дека злоупотребата на детскиот труд во Македонија е регулиран преку законски прописи, кои се усогласени со меѓународните трудови стандарди, како што се Европската социјална повелба и Конвенцијата за минимална возраст за вработување, на Меѓународната организација на трудот.

Од МТСП објаснија и што предвидува Законот за работните односи за вработување на деца:

„Законот за работни односи предвидува  дека способност за склучување  на договор за вработување  може да склучи младо лице под 18 години возраст, кое има општа здравствена способност. Но дете под 15 години возраст или дете кое не завршило задолжително образование, освен за учество во активности кои со закон е утврдено дека може да ги извршува, но не подолго од два часа дневно, односно не подолго од 12 часа неделно, а за време на училиштен распуст не подолго од шест часа дневно, односно не подолго од 30 часа неделно. Притоа, задолжително треба да му се обезбедат две непрекинати работни недели на одмор. Дополнително, работодавачот има обврска да обезбеди заштита на младите лица од економска експлоатација и од каква било работа која може да има штетно влијание брз нивната безбедност, здравјето, физичкиот, менталниот, моралниот или социјалниот развој или истата може да го загрози нивното образование.

Понатаму, Законот предвидува дека дете кое е помладо од 15 години може, со плаќање на надоместок, по исклучок да учествува во активности кои по својот обем и карактер не влијаат штетно врз здравјето, безбедноста, развојот и образованието, и тоа: учество во културни и артистички активности, спортски настани и рекламни активности.

Законот дефинира и младо лице и како такво се смета секое лице кое може да склучи договор за вработување, кое има најмалку 15 години возраст, а под 18 години возраст и кое не е опфатено во задолжително образование, за извршување на работи кои не се штетни по неговото здравје и безбедност. Утврден е и максималниот број на часови на работно време на младото лице на возраст под 16 години и тоа е 30 часа неделно и во случај кога младото лице работи кај повеќе работодавачи истовремено. Максималниот број на часови на работно време на младо лице на возраст над 16 години е 37 часа и 45 минути неделно и во случај кога младото лице работи кај повеќе работодавачи. Работното време на младо лице не смее да надмине осум часа во период од 24 часа“.

Фото: IStock