Работа (од) дома за жените- мајки
Работа (од) дома за жените- мајки
Од почетокот на пандемијата работните места преселени дома се најбезбедна алтернатива за работниците и начин да се спречи ширењето на новиот коронавирус. Но другата страна на работењето (од) дома е- завршување на домашни обврски, мајчинство, грижа за постари лица…. (набројте што уште не…………….). Каде нашиот систем не се справи соодветно со ситуацијата?
Мајките работнички од почетокот на пандемијата се соочија со незавидни ситуации, со предизвици и неправедности. Породилното отсуство кое лани со одлука на влада им беше продолжено на мајките беше скратено со отворањето на детските градинки на крајот на септември минатата година, а мајките добија рок од една недела да се „снајдат“ и да се вратат на работните места. Епилогот: голем број мајки беа приморани да си дадат отказ од работа за да можат да ги чуваат сопствените деца бидејќи градинките работат со намален капацитет од 15 деца по група. Оние кои не добија место во градинка беа оставени на неправдата на системот. Покрај ова, оние фирми и институции чија работа може да се извршува од далечина им овозможија на мајките да работат од дома, за истовремено да бидат згрижени и нивните деца. Со оваа можност навистина се сочуваа работните места, но дали се сочува благосостојбата на мајките (и децата)? До денес не е направена никаква евалуација, истражување, што било со кое ќе се открие вистинската состојба на вработените мајки кои работат и се грижат за домот и семејството истовремено. Зошто? Дали после сето ова ќе имаме проблеми кои ќе произлезат од фрустрација, стрес, неможност да се одговори на сите ангажмани од страна на жените? Грижата за општата благосостојба на жените работнички, односно мајките, но и оние кои се грижат за повозрасен член на семејството и истовремено работат е обврска на системои и на општеството. Дали ќе излеземе од пандемијата во добро или со нови проблеми и феномени не е ситуација која треба да се занемари и да се „турка под тепих“, туку предизвик кој мора час поскоро да се адресира, за да не стане предоцна.
Работа (од) дома за жените- мајки
Од почетокот на пандемијата работните места преселени дома се најбезбедна алтернатива…
Posted by Juridica on Wednesday, May 5, 2021

