Работниците ќе бидат принудени да работат на слабо платени и неквалитетни работни места, вели Извештајот

Подготвил: Бобан Илијевски

„Попуштениот“ раст на вработувањето и притисокот врз пристојните работни услови ја „поткопуваат“ социјалната правда, покажува новиот Извештај на Меѓународната организација на трудот (МОТ), за трендовите на пазарот на труд во 2023 година.

Моменталното глобално забавување на економијата има големи шанси да ги принуди работниците да прифатат помалку квалитетни и помалку платени работни места со помала сигурност и социјална заштита. Ова најмногу се должи на Ковид кризата, се вели во Извештајот.

Во него се предвидува и дека глобалниот раст на вработување ќе изнесува само 1 % во 2023, што е помалку од половина од нивото во 2022 година. Се очекува и раст на глобалната невработеност, за околу 3 милиони невработени, на вкупно 208 милиони (што кореспондира со глобалната невработеност од 5,8 %). Проекциите за растот на невработеноста најмногу се должат на тесниот пазар на труд и недостигот на работна сила во високоразвиените земји.

„Ова ќе го одбележи враќањето на падот на глобалната невработеност помеѓу 2020 и 2022. Значи дека глобалната невработеност ќе остане 16 милиони над пред-пандемиското ниво во 2019 година“, посочува Извештајот.

Дополнително, покрај невработеноста, и „квалитетот на работните места останува клучна грижа“, истакнува Извештајот, потенцирајќи дека „Пристојната работа е фундаментална компонента на социјалната правда“.

Извештајот додава дека се „поништени“ резултатите од намалувањето на сиромаштијата кое трае една декада и дека тоа се должи на пандемијата.

И покрај малото заздравување во 2021 година, продолжениот недостиг на подобри можности за вработување се очекува да се влоши, вели студијата.

„Моменталното забавување ќе значи дека многу работници ќе мора да прифатат работни места со низок квалитет, често и за ниска плата, а понекогаш и со недоволно работни часови. Понатаму, порди побрзиот раст на трошоците на живот од платите, постои ризик голем дел од луѓето да влезат во сиромаштија. Овој тренд се предвидува врз основа на значајните падови на приходите за време на Ковид кризата, кој во многу држави во најголем дел ги погоди нископлатените групи“, стои во Извештајот.

Исто така, Извештајот идентификува нова, сеопфатна мерка на неостварена потреба за вработување – глобалниот јаз на работни места. Како и оние коишто не се вработени, оваа мерка вклучува луѓе кои сакаат да се вработат но не бараат активно работа, дали поради тоа што се обесхрабрени или пак имаат други обврски, како грижа за блиските. Глобалниот јаз изнесувал 473 милиони работни места во 2022, што е за околу 33 милиони повеќе од 2019 година.

Стагфлацијата е закана за продуктивноста и заздравувањето на пазарот на труд

Влошувањето на состојбите на пазарот на труд најмногу се должи на геополитичките тензии и конфликтот во Украина, нееднаквото заздравување од пандемијата и продолжените попречувања во глобалниот ланец на снабдување. Заедно, овие фактори создадоа услови за стагфлација – симултано голема инфлација и низок раст, за првпат од 1970 година, наведува Извештајот.

Состојбата на жените и младите на пазарот на труд е значајно влошена, забележува Извештајот, притоа додава дека стапката на учество на жените на пазарот на труд останала на 47.4 % во 2022, споредено со стапката на мажите која изнесувала 72,3 %. Јазот од 24.9 процентни поени значи дека на секој еден економски неактивен маж има две неактивни жени.

Младите луѓе (од 15 до 24 години) се соочуваат со големи потешкотии во барањето и задржувањето на пристојни работни места, алармира Извештајот. Нивната стапка на невработеност е три пати поголема од таа на возрасните. Повеќе од еден од пет млади луѓе – 23,5 % не се вработени, не се во процес на образование или обука (NEET).

„Потребата за попристојна работа и социјална правда е концизна и итна“, рекол Генералниот директор на МОТ, Гилберт Ф. Хуангбо. „Но, доколку сакаме да ги надминеме овие предизвици, мораме заедно да работиме на креирање на нов глобален социјален договор. МОТ ќе покрене кампања за Глобална Коалиција за Социјална Правда за да даде поддршка, да ги креира потребните политики и да нѐ подготви за иднината на работата“.  

Ричард Саманс, директор на одделот на МОТ за истражување и координатор за извештаите, посочил дека забавувањето на растот на глобалната вработеност значи дека не треба да очекуваме загубите кои беа нанесени за време на Ковид кризата да се надоместат пред 2025 година.

„Голема грижа претставува и забавувањето на растот на продуктивноста, бидејќи продуктивноста е есенцијална во адресирањето на кризите со кои се соочуваме, како потрошувачката моќ, еколошката одржливост и благосостојбата“, рекол тој.

Инаку, во однос на Европа и Централна Азија, Извештајот вели дека овие региони се многу погодени од економските последици од конфликтот во Украина.

Вработеноста во 2023 година се очекува да се намали, а невработеноста благо да се зголеми поради лимитираниот раст на работоспособната популација.

Фото: Freepik

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.