Останато

Македонските работници се ДВОУМАТ да дадат отказ кога им се прекршуваат работничките права – Трендот на „Големиот отказ“ со забавен интензитет во Македонија

Започна во Соединетите американски држави во 2021 година, па се прошири на Балканот во 2022 година, започнувајќи од Хрватска.

„The Great Resignation“ или во превод „Големиот Отказ“ е западен тренд којшто зема се поголем замав ширум светот.

Голем број на луѓе, на почетокот од 2021 година, започнаа масовно да даваат откази од работа. Главната причина за настанување на овој тренд е пандемијата со Ковид -19, која им покажа на луѓето дека здравјето и балансот помеѓу професионалниот и приватниот живот се многу поважни од кариерата.

На површина излезе и незадоволството од работата, па луѓето се решија да преземат иницијатива и да најдат работа која е повеќе платена и нуди поголеми бенефити.

Македонија и трендот на „Големиот отказ“

Порталот Работник го постави прашањето дали овој тренд ќе пристигне и во Македонија. За таа цел, побаравме став од Универзитетскиот професор под трудово право, Лазар Јовевски.

Напуштањето на работните места, професорот Јовевски, смета дека не е само резултат на американските искуства коишто се рефлектираат во Европа или на Балканот.

Според него, тоа е процес којшто е започнат во рамките на самото преструктуирање на пазарот на труд, во Европа, но и во светот.

Процесот, вели Јовевски, е поврзан со повеќе аспекти, меѓу кои се дигитализацијата, флексибилизацијата на работните односи и работните места, коишто биле забрзани во текот на пандемијата со Ковид – 19.

Луѓето тогаш видоа дека можат да работат на поинаков начин, односно преку работа на далечина, работа на дигитални платформи итн., рече Јовевски.

Сепак, како што вели, ова е генералната слика, додека за Македонија потребно е да се земат во предвид спецификите, односно односите на пазарот на труд кај нас.

Во Македонија веќе е започнат процесот на напуштање на работните места

Професорот Јовевски смета дека и кај нас веќе се започнат процесот на напуштање на работните места, делумно заради дигитализацијата, но и поради лошите работни услови, лошите меѓучовечки односи, мобингот којшто се случува на работните места…

Сето тоа влијае на одливот на работната сила и во Македонија. Според моите анализи, овој тренд кај нас има помало влијание отколку во другите земји. Сепак, флуктуациите на пазарот на трудот се започнати и во Македонија и би требало да се очекува дека тоа ќе има одредени рефлексии и кај нас, вели Јовевски.

Процената на Јовевски е дека во следните неколку години, флуктуацијата на работна сила нема да се случува со многу голем интензитет, токму поради спецификите на нашиот пазар на труд. Тоа се должи на сивата економија и т.н. работа на црно, каде што влегуваат 30 % од работниците, според податоците на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд.

Македонските работници се пасивни кога им се прекршуваат работничките права

Нагласи дека кај македонските работници постои инертност во однос на прекршувањето на правата од работен однос. Тоа значи дека прагот на толеранција е поголем во однос на некои други земји во Европа, па и од САД.

Луѓето се многу трпеливи кон работодавачите коишто ги злоупотребуваат правата од работен однос и не се охрабруваат толку брзо и често да ги напуштат работните места. Веројатно имаат страв и од тоа што не можат да најдат соодветно и подобро работно место, вели Јовевски.

Дигитализацијата создаде кадри кои не ги толерираат работодавачите и лесно даваат отказ од работа

Не велам дека нема други работни места, но дали има други подобри работни места? Е, тоа е вистинското прашање. Во контекст на тие флуктуации коишто треба да ги очекуваме, ако сакаме да имаме поголема мобилност на пазарот на труд, треба прво да креираме добри работни места, коишто ќе бидат повеќе продуктивни и коишто ќе се плаќаат повеќе, истакна Јовевски.

Според него, ова во одреден степен го прави самата дигитализација, односно самите информациски технологии. Тие бараат луѓе со високо образование, но и стручни кадри коишто многу брзо влегуваат и излегуваат од работните места и имаат многу низок праг на толеранција во однос на прекршувањето на правата од работен однос. Вели дека тоа се должи на големата мобилност и лесното пронаоѓање на работа, соодветна на постоечката, доколку се изложени на такви притисоци.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk