КолумниНовости

РАБОТНИЦИ, КОГА ЌЕ ВИ ТЕКНЕ ДЕКА МОРАТЕ ДА ТРПИТЕ МОБИНГ И ПОНИЖУВАЊЕ, СЕТЕТЕ СЕ НА ОВА…

   Време за читање 3 минути

Автор: Бобан Илијевски

Имајќи го предвид фактот дека недостигот на работна сила е огромен (податоците велат дека во државава фалат околу 10,000), работниците имаат можност да избираат кај кој работодавач ќе работат. 

Замина она време кога газдите-менаџери им велеа на работниците дека ако не им одговара работата можат да си заминат, бидејќи можат да ги заменат веднаш. Знам дека оваа фраза ја кажувам често, но работниците треба да ја знаат. Секогаш кога ќе помислат дека се осудени да трпат мобинг и да бидат понижувани, да знаат дека можат многу полесно да најдат работа. 

На ум да имаат и уште една работа која постојано ја нагласувам – да бидат постојано отворени за учење и стекнување на вештини. Не можеме да очекуваме да работиме на некое високо платено работно место, ако ги немаме потребните вештини и знаења за да ги извршуваме работните задачи. Ставете се во чевлите на некој чесен работодавач кој сака добро да ги плати своите вработени за сработеното и запрашајте се: Дали ќе вработите некој што нема вештини и знаења на некоја добро платена висока позиција? Ако сме скроз искрени, одговорот ќе биде НЕ. 

Можеме бескрајно да зборуваме за високи плати и дека секој работник треба да биде добро платен, но универзалните правила велат дека треба да започнеме од ниско за да се искачиме на високо. Во која и земја и да одиме, особено во некоја од западноевропските, многу се мали шансите дека ќе започнеме од некоја висока позиција. Ќе започнеме од некоја почетничка, па со текот на времето и во зависност од нашите вештини и знаења ќе напредуваме се до најгорното скалило. 

Знам дека на многумина оваа тема им е, како да се изразам, неинтересна или можеби смешна, земајќи ја предвид ситуацијата на пазарот на труд во Македонија, сепак треба да знаат дека работите од денеска до утре можат многу лесно да се променат, а пазарот на труд кај нас несомнено се менува. Побарувачката на работна сила станува се поголема, а понудата на истата се помала. Затоа сега е актуелен и увозот на работна сила, за кој лично сметам дека тешко ќе даде некакви резултати, иако никогаш не вели никогаш, но плимата е веќе во насока на работниците и чесните работодавачи. 

Останува фактот дека и се поголем број на луѓе работат како фриленсери. Последните податоци на финтек-компанијата за дигитални плаќања Payoneer велат дека 33 % од испитаниците во Македонија работат како фриленсери. Ова го потврдува и моето предвидување за тоа дека домашните компании, покрај домашните компании од сродната индустрија и компаниите со странски капитал, конкуренти им се и фриленс платформите кои секојдневно привлекуваат се поголем број на корисници. 

Само прашање е на време уште колку луѓе од Македонија ќе започнат да работат како фриленсери. Моја претпоставка е дека бројката ќе биде голема и дека младите нема да бидат единствените кои ќе ги користат фриленс платформите.

Сето ова укажува на бројните опции кои во денешно време се на располагање. Имаме недостиг од кадар и можности за фриленсерска работа. Многу повеќе отколку што имале нашите предци. На нас само останува да вложуваме во себе за да бидеме конкурентни на пазарот на труд.

 

Бобан М. Илијевски

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.