Работничките права стагнираат – па ќе стагнираат кога ги вклучуваат само оние кои нив им одговараат

Автор: Бобан Илијевски

Разочарани од работните услови, работниците, на глобално ниво, формираат или се приклучуваат на веќе постоечки синдикати. На Запад, поточно во САД, се формираа синдикати каде што до пред некој период беше незамисливо дека тоа ќе се случи – во анти-синдикално настроени компании како Амазон и Старбакс.

Во САД се случува револуција на синдикалното организирање, поради тоа што работниците се повеќе и повеќе сфаќаат дека моќта лежи во колективноста, а не индивидуалноста кога се работи за борбата за остварување на подобри работнички права. Сепак, колку што јас знам, таму не постојат синдикати коишто го поткопуваат синдикалното делување како кај нас и стануваат „марионети“ на одредени политички партии за да добијат некаков бенефит. Таму синдикатите не им ги замачкуваат очите на работниците глумејќи некаква заштита на работничките права. Тоа е вистинско синдикално организирање.

Во Македонија, за волја на вистината, постојат синдикати и граѓански организации кои колку што можат се борат за заштита и подобрување на работничките права, но истите се ставени настрана токму поради нивните амбиции да го прават она за што се и формирани. Истите тие синдикати и граѓански организации се исклучуваат од социјалниот дијалог, функционерите одбиваат да се сретнат со нив и да дебатираат за вистинските работнички проблеми.

Наместо да ги вклучат сите социјални партнери во социјалниот дијалог, тие го вклучуваат само оној кој нив најмногу им одговора. Синдикатот за кој постојат бројни докази дека работел спротивно на интересите на работниците. Нејсе, не ми е целта да пишувам за тој т.н. синдикат, туку целта тука ми е тука да доловам дека можеби формирањето на синдикати во рамките на компаниите ќе биде едно од потенцијалните решенија за унапредување на работничките права. Онаму каде што не може да се формира синдикат, работниците треба да се здружат и заеднички да се борат за своите права и во ниеден случај да не дозволуваат за нивен претставник да биде избран некој кој е „миленик“ на работодавачот и кој ќе ги аминува сите негови одлуки.

Во овие речиси четири години, сфатив зошто работниците не веруваат во синдикатите. Јасно ми е. Но, исто така знам и верувам дека постојат синдикати и граѓански организации кои се доследни на вистинската борба за остварување на работничките права и унапредување на истите.

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги изразува официјалните ставови на порталот Работник

 

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.