ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

РАСТОТ НА ПЛАТИТЕ ЈА ПРЕТРКА ИНФЛАЦИЈАТА ЗА ПРВПАТ ПО ЕДНА ГОДИНА

   Време за читање 3 минути

За првпат, по точно една година, Државниот завод за статистика објави дека има реален раст на платите, што значи дека не само што се зголемиле номинално, туку се зголемиле и кога ќе се пресмета инфлацијата. Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во април 2023 година изнесува 36.134 денари, пресмета Државниот завод за статистика. Оттаму велат дека априлската плата номинално е поголема за 14,6 проценти во однос на лани, но и реално – со пресметаната инфлација, платата е поголема за 1,4 проценти. Ова значи дека растот на платите почнува да ја претркува инфлацијата, покажува анализата на порталот Пари.

Податокот е и очекуван ако се земе предвид дека во март имаше раст на минималната плата. Соочени со недостиг на работници, работодавачите почнаа и самоиницијативно да го коригираат својот однос кон платите на работниците. Истовремено, почна да се смирува и инфлацијата. Но сепак, цените толку многу се зголемија, што и покрај тоа што статистичарите измерија реален раст на платите, тој раст не е доволен за да го покрие она што веќе го направи инфлацијата која долг период „го окупира“ животниот стандард и која, според последните статистички податоци за мај, сѐ уште е двоцифрена (11,3 %).

Како се зголемувале платите и колку реално пораснале?

Tabela 1 Plati Rast

Извор: Државен завод за статистика

Податоците покажуваат дека за една година, односно овој април во однос на ланскиот април, просечната нето-плата се зголемила за 4.609 денари, но, за жал, тие пари ја зголемиле вредноста на просечната плата реално за само 1,4 проценти.

Просечната нето-плата не растела номинално ни во сите месеци. Во текот на изминатата година таа се намалила во мај во однос на април, намалување имало и во јули во однос на јуни, потоа во јануари 2023 година во однос на декември 2022 година, како и во февруари во однос на јануари. Истовремено, пак, цело време имало огромна инфлација.

Во кои сектори имало најголем раст на платите?

 Со раст од 47,8 проценти, просечната нето-плата за една година најмногу се зголемила во секторот Заштитни и истражни дејности. Таму просечната априлска плата била 26.519 денари и сѐ уште е многу пониска од просечната плата на републичко ниво. Инаку, во оваа дејност спаѓаат агенциите за обезбедување на имот и лица, а секторот долго време го држеше последното место по висина на просечни плати.

Втор најголем раст на плати за една година, од 36 проценти, е остварен во секторот Финансиско-услужни дејности, освен осигурување и пензиски фондови. Таму априлскиот просек достигна 63.071 денари.

Трето место, со раст на платите од 33,4 проценти за една година, имало во секторот Воздухопловен транспорт, со што во април просекот бил 66.169 денари.

Со 31.151 денари просечна нето-плата во април, секторот Вадење на јаглен и лигнит постигнал четврт најголем годишен раст на платите, од 31,4 проценти.

Тие што работат во секторот Производство на останата опрема за транспорт, за една година имале зголемување на платите во просек за 27,4 проценти, што е петти најголем раст. Така, таму во април се достигнал просек од 52.245 денари,

ТОП 5 дејности со најголем раст на платите

Tabela 2 Plati Rast

Извор: Државен завод за статистика

Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/rastot-na-platite-ja-pretrka-inflacijata-za-prvpat-po-edna-godina/