ССНМ: Владата и Претседателот активно да се вклучат во спасувањето на авганистански новинари и медиумски работници
Фејсбук статус на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници:
Синдикатот на новинари и медиумски работници ја повикуваа Владата на Северна Македонија и Претседателот на државата Стево Пендаровски активно да се вклучат во спасување на авганистанските новинари и медиумски работници.
ССНМ се приклучи на акцијата на Меѓународната федерација на новинари (IFJ) и други новинарски асоцијации, кои во моментов организираат помош за евакуација и грижа на авганистанските новинари, како и други медиумски работници.
Ја пренесуваме содржината на писмото во целост:
Почитуван Претседател на Република Северна Македонија,
Почитуван Претседател на Влада на Република Северна Македонија,
Почитувани членови на Влада на Република Северна Македонија,
ја повикуваме Владата на Република Северна Македонија и Претседателот на Република Северна Македонија да им помогнат на нашите колеги; авганистанските новинари, особено жените новинарки и останатите авганистански медиумски работници, како дел од нивните напори за евакуација. Ние веруваме во посветеноста на македонските институции во обезбедувањето помош на нашите колеги од Авганистан.
Повеќе земји веќе се приклучија на иницијативата за издавање на хуманитарни визи и со тоа помагаат да се спасат новинари чии животи се во опасност. Како дел од акцијата координирана од Меѓународната федерација на новинари (IFJ), холандската Влада се согласи да им помогне на 15 авганистански медиумски работници. Владата на Обединетото Кралство е во преговори со Националната унија на новинари за бројот на новинари на кои би им помогнале. Пакистан досега спаси 311 медиумски работници, а Канада формираше специјална програма за помош.
Бараме од Владата на Република Северна Македонија да издаде итни визи, за да ги спаси медиумските работници од Авганистан.
Списокот на авганистански новинари кои имаат потреба од помош го води Меѓународната федерација на новинари (IFJ), чиј член сме и ние, во соработка со професионални здруженија и синдикати на новинари од Авганистан.
Со почит,
Самостоен Синдикат на новинари и медиумски работници

