КолумниНовости

Република Збркана Македонија

   Време за читање 3 минути

Автор: Бобан М. Илијевски

Нема млад човек во државава на кого не му паднала на ум идејата да се исели. Да замине во држава каде системот е функционален, корупцијата и криминалот се сведени на минимум, образованието е со висок квалитет… и што е најважно од сѐ – има висок економски стандард, односно плати кои овозможуваат пристоен живот.

Знам дека станувам многу досаден постојано пишувајќи на оваа тема, но длабоко во мене се пројавува постојан нагон кој заедно со одговорноста којашто ја чувствувам, пред и сѐ, како човек, а потоа и како новинар, ми велат дека морам да се повторувам оти и колку и да се зборува на истата, се чини како да не е доволно.

Повеќе од 30 години во Македонија слушаме само политички обвинувања, празни ветувања, собирања на политички поени на грб на народот и еден куп скандали за местење тендери, партиски вработувања, злоупотреба на службена положба и ред други настани кои повеќе не прават да наликуваме на Нигерија, отколку на Норвешка. Можеби Норвешка не во ЕУ, но е земја со европски вредности. Нашиве ни политичари или поточно кажано политиканти, цело време ни ги ветуваат токму тие вредности, но никако да ги спроведат во пракса. Џабе им се тие европски фронтови, кога ние сме светлосни години далеку од сѐ што е европска вредност. 

До душа ако ги земеме предвид индексите на Меѓународната Конфедерација на синдикати за глобалните права, Македонија буквално се наоѓа на листа заедно со Лесото и Маурициус. Инаку овои индекси ги оценуваат државите според тоа колку ги почитуваат работничките права. Македонија, заедно со уште некои други од регионот и Африка, е оценета како земја каде системски се прекршуваат правата. Последниот Индекс за 2023 година покажа дека државата има тенденција да падне уште подолу поради непочитувањето на колективните договори. Минатогодишното укинување на колективниот договор во Министерството за земјоделие и обидот на Владата преку неуспешниот Закон за плати да ги ограничи колективните договори се повод за претстојниот пад на оваа листа. 

Народот, а особено работниците се најмногу разочарани од тоа што треба да работат по две работи за да можат да си дозволат пристоен живот. Со една работа во Македонија си на прагот на сиромаштија, па треба да бираш дали ќе поминуваш време со децата, но нема да можеш да им пружиш сѐ што треба или ќе бидеш цел ден на работа, ќе можеш да им дадеш повеќе, но многу малку ќе го гледаат својот родител. И после зошто младите не сакаат да имаат деца? Или зошто одбираат да заминат во друга земја и таму да имаат деца? Одговорот е очигледен. 

Од толку проблеми кои се од суштинска важност, не знаеме кој прв да го ставиме на приоритетната листа, а кој последен. 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.