СветСветот на работникот

Американската работна сила отсуства ментално: Компаниите негодуваат поради честите боледувања

Сѐ поголем број на вработени во Соединетите Американски Држави користат отсуство од работа поради проблеми со менталното здравје, што на компаниите им создава нови организациски предизвици, додека работниците тврдат дека таквата пауза им помага да ги спречат посериозните последици.

Според истражувањето на адвокатската фирма Литлер Менделсон, околу 67 % од американските работодавачи забележале раст на барањата за отсуство или прилагодување на работните услови поради проблеми со менталното здравје во текот на последната година, а кај големите компании тој процент изнесува дури 74 %.

Трендот е особено изразен по пандемијата со Ковид 19, кога многу компании ги прошириле програмите за поддршка на вработените, вклучувајќи го и пристапот до советување, терапија и флексибилни работни модели.

Вработените сега послободно ги користат поволностите кои претходно често ги избегнувале поради стигмата која ги следи проблемите со менталното здравје.

Вработените во САД на основа на законот FMLA можат да користат до 12 недели одмор годишно поради одредени здравствени и семејни причини во текот на кои нивното работно место е заштитено доколку имаат соодветна медицинска потврда.

Законот, првобитно воведен во 1993 година за да овозможи отсуство поради раѓање, нега на членови на семејството и други здравствени причини, сѐ почесто се користи и за депресија, анксиозност и други состојби повразни со менталното здравје.

Компаниите поради тоа се соочуваат со проблем на прераспределба на работата, ангажирање на привремени работници и непланирани прекини во работата, а предупредуваат дека зголемувањето на бројот на отсуствата има и финансиски последици.

Според процените на истражувачкиот институт Галуп, еден изгубен работен ден на вработен со полно работно време ја чини економијата околу 340 долари, што на ниво на САД претставува десетици милијарди долари годишно загуба на продуктивноста.

Фирмите стравуваат и од злоупотреба на боледувањата, но експертите оценуваат дека тоа не е главна причина за растот на бројот на отсуства.

Тие сметаат дека клучен фактор е промената на односот кон менталното здравје и поголемата подготвеност вработените порано да реагираат на проблемите.

Затоа многу американски компании вложуваат во превентивни програми, од онлајн терапија и советување до апликации за поддршка на менталното здравје, со цел решавање на проблемите пред да дојде до повеќемесечно отсуство.

Извор: b92.net