ЕкономијаСвет

Шпионска афера ја тресе Nvidia: Можно е да биде сменет директорот Џенсен Хуанг

Управниот одбор на американската технолошка компанија Nvidia би можел да ја разгледа смената на извршниот директор Џенсен Хуанг поради наводи за негови приватни врски со жени, од кои една, според медиумски извештаи, е поврзана со лице осомничено за шпионажа во корист на Кина.

Случајот предизвика сериозно внимание во Вашингтон, особено поради чувствителната позиција на Nvidia во глобалната индустрија за производство на напредни чипови и нејзината поврзаност со американските технолошки и безбедносни интереси.

Компанијата засега не одговорила на барањето за коментар.

Извршниот директор на финансиската компанија D.A. Davidson, Гил Лурија, оценува дека евентуалната смена на Хуанг би претставувала сериозен предизвик за Nvidia, бидејќи компанијата нема подготвен план за негов наследник.

Од друга страна, Брус Заро од компанијата Granite Wealth Management посочува дека Хуанг бил една од клучните личности во подемот на Nvidia. Според него, се поставува прашањето дали друг човек би можел успешно да го преземе неговото лидерство и улогата на главен претставник на компанијата, особено во секторот за центри за податоци.

Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот изјави дека и Федералното истражно биро (ФБИ) го испитува случајот.

Во меѓувреме, кинеското Министерство за надворешни работи ги отфрли обвинувањата за шпионажа, оценувајќи ги како неосновани и обид за оцрнување на Кина.

Од Nvidia соопштија дека управниот одбор нема причина да верува дека националната безбедност на САД или деловните тајни на компанијата се загрозени. Хуанг, според компанијата, се обврзал да соработува во рамките на внатрешната истрага.

Џенсен Хуанг е една од највлијателните личности во технолошката индустрија и близок соработник на администрацијата на Трамп во Силициумската долина. Во изминатите две години повеќепати престојувал во Вашингтон, додека Nvidia се обидува да обезбеди можност за продажба на напредни чипови на кинескиот пазар.

Евентуалната промена на раководството би била значаен пресврт за Nvidia, компанија која стана еден од главните двигатели на глобалниот бум на вештачката интелигенција.

Извор: B92