Решението на спорот помеѓу МОН и СОНК е на повидок – Помирувањето ќе трае уште 10 дена
Бобан Илијевски
СОНК и МОН ќе преговараат уште десет дена за постигнување на кончено решение, порачаа од синдикатот во соопштение до јавноста, по завршувањето на денешната средба.
Од СОНК велат дека преговорите се движат во нагорна линија и дека на повидок е постигнување на решение за спорот.
„На средбата, неминовен беше заклучокот дека двете страни на колективниот работен спор имаат потреба од поголем временски период од 10 дена, под покровителство на назначениот помирувач од Министерството за труд и социјална политика, а во рамките на рокот согласно член 27 од Законот за мирно решавање на работните спорови, со оглед на фактот што преговорите се движат во нагорна линија“, велат од СОНК во соопштението.
Од таму нагласија дека денеска двете страни ја утврдиле содржината на Препораката, според која, продолжуваат преговорите помеѓу СОНК и МОН за уште 10 дена, во врска со точките кои се предмет на преговори согласно Одлуката за организирање на штрајк. Со оваа Препорака, се вели во соопштението, предвидено е во дополнителните 10 дена да се утврди процентот за усогласување на платите во основното и средното образование, како и се дефинира рокот за склучување на колективни договори во основното и средното образование.
Според СОНК, содржината на Препораката се утврдува со цел во понатамошните преговарања да не се почнува одново, туку од таму каде што е постигната согласност, а со цел изнаоѓање на оптимално решение за страните, во насока на одговорно разрешување на настанатиот спор.
Последната понуда којашто ја даде Министерството за образование беше 12 %, но истата беше отфрлена од најголемиот дел од синдикалните организации. Бидејќи не можеше да се постигне решение, СОНК и МОН својот спор започнаа да го решаваат преку помирувач.

