Колумни

Роднинско – партиски вработувања vs. вработувања според заслуга

Роднинско - партиските вработувања - Работник
125views

Автор: Бобан Илијевски

Многу добро ни е познато дека Македонија е држава која се темели на пратиризираност и политизираност од нејзиното осамостојување, па се до денеска. Да бидам коректен, на почетокот од осомстојувањето овие две девијантни појави не биле толку експонирани, барем така велат постарите генерации, а во денешно време земаат се поголем замав. Во нашата држава конкурсите за работа не важат, барем не во јавниот сектор, па за да одреден човек добие работа во треба да биде или член на политичка партија којашто е на власт или да има роднина кој е во високите кругови на одредена институција и на тој начин тој поединец да може да влезе на работа.

Да не зборуваме за тоа дека директорите на овие институии се партиски кадри, па и поради таа причина се именувани за директори. Според ова, не е важно искуството, ниту пак знаењето и вештините туку само да си огромен поддржувач на одредена политичка партија којашто е на власт. Еднаш слушнав една реченица, којашто не ми текнува кој точно ја кажа, а истата гласи вака: Сите оние коишто лепеа плакати за партијата која дојде на власт (зборувам и за двете партии, не само за партијата која моментално ја води Владата), добија работни места во јавниот сектор. Јас тогаш одев во основно училиште, па се прашував дали и јас да почнам да лепам плакати за да, откако ќе завршам со моето образование, најдам соодветна работа во јавниот сектор или како што народно ја нарекуваме „државна работа“. Но, после неколку минути добро размислување одлучив да ризикувам со тоа што нема да се согласам да лепам плакати, но ќе се обидам да најдам државна работа. Само што во тоа време не знаев дека ќе се насочам кон комуникациските науки и дека ќе работам како новинар во портал. Нејсе, тука не станува збор за мене, туку за следните генерации коишто доаѓаат. Дали ќе биде потребно тие да лепат плакати и да „трчаат за партијата“ за да добијат работно место во јавниот сектор? Сите го знаеме одговорот на ова прашање, но време е тој да се смени.

Ова го имам кажано многу пати досега, но еве уште еднаш – Македонија претендира да стане дел од европското семејство, со тоа што ќе влезе во Европската унија. Јас колку што знам таму луѓето работните места ги добиваат според вештините кои ги поседуваат, образованието кое го имаат и онаму каде што е потребно – искуството. Ние треба овој принцип на заслуги да го преземеме и да го инкорпорираме во нашиот „распрснат“ систем. Жално е да оние коишто навистина имаат вештини и знаење да останат дома или да работат ниско платени работи (без навреда на оние коишто работат на овие работни места, бидејќи и тие се еднакво важни како и другите), додека оние коишто имаат партиски и роднински врски да работат во јавниот сектор. За да имаш квалитетна држава, треба да имаш и квалитетен кадар. Со партиски и роднински кадар имаш непотистично – расеана држава која нема вистински правец кон кој сака да се насочи. За секоја држава важно е да има квалитетен кадар во јавниот сектор, затоа што тој треба да знае како да служи на граѓаните, а воедно и да ја носи државата напред, односно да ја надоградува.

Сето ова го пишувам поради тоа што некој сака да укине 20 % од администрацијата, а ние сите многу добро знаеме дека во тие 20 % нема да бидат роднини и партиски војници на која било од партиите. Ќе настрадаат оние луѓе кои чесно и одговорно си ја вршат работат, а притоа поседуваат и вештини и знаење како треба да ја вршат својата работа, но не се партиски војници, а некои од нив не се ниту партиски определени. Мислам дека треба да се размисли добро дали треба да се отпуштат партиските војници или пак вистинските работници.

Кога ќе започнат да се вработуваат луѓе во јавниот сектор само поради тоа што заслужиле да бидат вработени, тогаш ќе може да зборуваме за Европа и да се споредуваме со други европски држави. До тогаш може само да ги сонуваме оние 12 ѕвезди од знамето на Европската унија.

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги одразува официјалните ставови на порталот Работник